Колективот на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ реагираше на резултатите на Годишната програма на Министерството за култура. Тие на својот фејсбук профил ја објавија целосната реакција.

ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј“ е првата и можеби најзначајната станица за втемелување на музичкото образование и воспитување на децата. Така, нескромно ќе се согласиме, зародишот на музичката мисла и поттикот за негување на професијата изведувач, композитор и педагог е токму тука.

Секојдневната посветена работа со децата и младите не’ потсетува на макотрпниот пат кој оваа професија го претпоставува. Оттaму, и можноста да се настапи на јавна сцена или да се даде живот на партитурата, за сите нас, но пред се’ за нашите деца – оние на кои иднината им припаѓа, барем во оваа професија, е еден од најзначајните моменти во животот.

Токму Денови на Македонската Музика, изминативе седум децении, со поддршка на Сојузот на композиторите на Македонија, ја даваше и сеуште овозможува подиум за живот на партитурата и првите звуци на младите професионалци.

Колективот на ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј“ укажува на неопходноста за промена на одлуката на Министерството за култура за 2019 година, на чиј “репертоар“ ДММ изостана. Ова, од уште една причина што и младите автори, но и оние веќе вреднувани и почитувани создаватели и изведувачи, можноста за сопствена но и пред се’ промоција на македонската музика, честопати и како единствена и последна шанса ја гледаат токму во ДММ.

Поддршка за единствената манифестација која негува вредна македонска музичка мисла и традиција- Денови на Македонската Mузика.

Со почит,
Колективот на ДМБУЦ “Илија Николовски Луј“ – Скопје



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.