Состојбата е крајно лоша, но ретките и вредни книги, кои се во подрумските простории и на приземје засега се заштитени. Водата не стасала до нив, а и кога врне, капе, па собираме во кофи, вели Фремзим Даути, директор на НУБ „Свети Климент Охридски“ во разговор за Слободен печат.

На социјалните мрежи деновиве осамнаа шокирачки фотографии од читалните на оваа национална библиотека, празни и со комплетно уништен и запуштен ентериер. Директорот вели дека сликите се тенденциозно направено, но дека состојбата навистина е сериозна. Читалните не се користат, а објектот, некогаш полн со студенти и граѓани кои го користат богатиот фонд на книги и ретки печатени изданија, сега е запустен и мириса на мувла.

Проблемот е дека читалните не се реновирани 30 години, имаме испратено барање до Министерство да се реновира, но проблемот е посложен: дали да се реновираат читалните или кровот кој пропушта вода и така ги загрозува и читалните и други простории. Во нашите годишни планови редовно го наведуваме проблемот со покривот кој треба да се реновира, но нема слух да се помогне, министерката воопшто нема никаков интерес покажано за проблемите со кои се бориме – појаснува Даути.

Тој вели дека имал големи надежи кога на чело на Министерството за култура дошла Ирена Стефоска, која претходно беше претседател на собраниската комисија за култура и многу добро ги познава проблемите со кои НУБ „Свети Климент Охридски“ се соочува.

Даути појаснува дека со 25 илјади евра за само месец-два би ги реновирале комплетно читалните, на покривот е многу поскап, според направениот проект би чинел околу 600 илјади евра. Пред околу пет години била ангажирана фирма за реконструкција на покривот, но бил раскинат договорот пред да се заврши зафатот и сега има правен спор околу тоа.

Спорот може да се реши, потребна е само политичка воља од Министерството за култура за тоа – вели Даути.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.