Истакнатиот македонски пијанист Дино Имери на својата фејсбук страна се осврна на резуптатите од Годишната програма на Министерството за култура. Го пренесуваме неговиот став:

Кон Годишниот Конкурс на Министерството за Култура за 2019 г.

Почитувани,

Со жалење Ве информирам дека мојот проект „Концерт на Дино Имери во Скопје и Битола“ кој требаше да вклучи и гостување на една од најдобрите пијанистки од помладата генерација со завидлива светска кариера – италијанката Глориа Кампанер, не се најде на листата на одобрени проекти и покрај мојата успешна меѓународна дејност и кредибилитет како млад, но веќе докажан уметник.

Со ваков однос од страна на Министерството за Култура на Р. М. сметам дека е чудо што воопшто квалитетните домашни уметници и понатаму творат и создаваат вредни уметнички дела со трајни вредности. Штетата од оваа одлука, на крај, ќе падне на публиката до која нема да може да стигнат квалитетните проекти замислени и реализирани од веќе докажани уметници, но и на грб на уметниците кои веќе ги губат сите начини за „снаоѓање“ и наоѓање на скромни средства за реализација на нивните дела, како и било каква мотивација за создавање. Со нетрпение го чекам и правното Решение во кое ќе биде интересно да се види која е причината за одбивање на мојот проект, а кое ќе ми дозволи да превземам и правни дејствија во насока на обжалување на оваа одлука со полна свесност дека и тој чекор нема да ме однесе далеку.

На крајот, би сакал да кажам дека вистинскиот уметник ќе продолжи со создавање на вистински, длабоки уметнички дела кои ќе бидат светлина во оваа магла од срам, непрофесионализам, недоследност и негрижа за културата која е видлива преку многу нешта. Се надевам на некои идни музички средби со прекрасната публика во Македонија, до тогаш ни останува да концертираме и работиме надвор од државата.

Ви благодарам за вниманието.
Со почит,
Дино Имери



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.