На 19 октомври (вторник) со почеток во 20 часот на програмата на Кинотеката ќе биде прикажан реткиот бисер од филмските архиви, италијанскиот нем филм ПЕКОЛОТ (L’Inferno / Dante’s Inferno) од 1911, во траење од 71 мин., црно-бел, во режија на Франческо Бертолини, Адолфо Падован и Џузепе де Лигуро (Francesco Bertolini, Adolfo Padovan, Giuseppe de Liguoro).
ПЕКОЛОТ се смета за прв долгометражен игран филм во светската кинематографија и е снимен според ПЕКОЛОТ (L’Inferno), првиот дел од епот „Божествената комедија“ (La Divina Commedia) на Данте Алигиери (Dante Alighieri), кој е фундамент на модерниот италијански јазик и на новоевропската книжевност и култура.
Со проекцијата на ПЕКОЛОТ,Кинотеката и Амбасадата на Италијаја одбележуваат Неделата на италијанскиот јазик во светот, глобална манифестација која традиционално се одржува во октомври, како и 700-годишнината од смртта на Данте Алигиери.
Проекцијата на ПЕКОЛОТ во Кинотеката ќе биде проследена со музика во живо во изведба на пијанистот Марио Маријани (Mario Mariani) од Италија. Маријани е авангарден композитор и изведувач, познат по својот неконвенционален пристап во настапувањето и изведувањето, а својот инструмент го замислува и третира како оркестар. Компонирал музика за повеќе од стотина играни, кратки и анимирани филмови, театарски претстави и рекламни спотови, како и за потребите на филмскиот фестивал во Венеција, а веќе три децении изведува пропратна музика за проекција на неми филмови (на Д.В.Грифит, К.Д. Дрејер, Ф. Ланг, Ф.В.Мурнау, Ж. Мелијес, Ѕ. Вертов и др). Ова е негово трето гостување во Скопје.
Режиран од тројца автори, ПЕКОЛОТ е филм од жанрот на фантастичниот хорор и е составен од 54 сцени чија визуелизација е главно инспирирана од илустрациите на познатиот графичар Гистав Доре (Gustav Doré), француски сликар од 19 век. „Божествената комедија“ на Данте Алигиери е инспирирана и посветена на неговата голема љубов Беатриче Портинари (Beatrice Portinari). Епот на Данте Алигиери се смета за фундаментално дело на европската книжевност во Средниот век, а неговиот јазик подоцна станал основа на создавање на модерниот италијански јазик.
ПЕКОЛОТ се смета за прво големо класично дело на италијанската кинематографија.Филмот е сниман во филмското студио во Милано и во пејзажите на Ломбардија.За неговата реализација биле ангажирани стотина статисти и продуциската куќа „Милано филмс“ (Milano Films) користела напредни специјални ефекти за тој период, па филмот доживеал голем публицитет во јавноста и пред неговата премиера. Конкурентската продукција „Хелиос филмс“ (Helios Film) сакала да го искористи тој момент, па набрзина снимила кратка и финансиски поскромна верзија на Дантеовиот еп, но ПЕКОЛОТ доживеал огромен финански успех.
Филмските хроничари како најзаслужен за успехот ги посочуваат тогаш иновативните методи на дистрибутерот Густаво Ломбардо (Gustavo Lombardo), кој продавал ексклузивни авторски права за поединечни територии во Италија и во европските земји. ПЕКОЛОТ имал долгогодишна прикажувачка историја. Некои негови атрактивни сцени подоцна биле инспирација (некои биле и копирани) во низа холивудски и европски филмови и во звучниот период на филмот.
Во 2002 г. ПЕКОЛОТ е реставриран, а една негова верзија е дистрибуирана со музиката на електронскиот бенд „Tangerine Dream“ од Германија, основан во 1967 од музичарот Едгар Фрезе (Edgar Froese).
ПЕКОЛОТ
(L’Inferno / Dante’s Inferno)
Игран филм, Италија
1911, 71 мин., црно-бел, блуреј
Режија: Франческо Бертолини, Адолфо Падован, Џузепе де Лигуро (Francesco Bertolini, Adolfo Padovan, Giuseppe de Liguoro)
Сценарио: според „Божествената комедија“ (La Divina Commedia) на Данте Алигиери (Dante Alighieri)
Улоги: Салваторе Папа, Артуро Пировано, Џузепе де Лигуро (Salvatore Papa, Arturo Pirovano, Giuseppe de Liguoro)
Возрасна категорија: 14 години
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.