Во летното кино на Кинотеката, вечерва ќе биде прикажана новата, дигитално реставрирана копија на првата македонска филмска комедија „Мирно лето“’ на режисерот Димитрие Османли од 1961 година.
На проекцијата ќе ѝ претходи 10-минутно видео во кое Атанас Чупоски, виш филмолог во Кинотеката, ќе направи кратка анализа на филмот и неговото значење за македонската кинематографија.
А пред и после филмот, за доловување на атмосферата од 60-тите години на минатиот век – кога „Мирно лето“ ги полнеше кино-салите, инспирираше патувања до Охрид, женска мода, престој во (тогаш) новоотворениот луксузен хотел „Палас“, и воопшто, беше репер за едно безгрижно, весело живеење во кругот на семејството и блиските пријатели – ќе се погрижи реномираниот џез-вокалист Џон Илија Апелгрин со својот бенд со свој краток перформанс, најавуваат организаторите.
Инаку, Апелгрин e внук на Илија Џувалековски, кој се појавува во една од водечките улоги во оваа комедија, па оттаму организаторите ги покануваат и наследниците на другите учесници во снимањето на филмот да дојдат и пред проекцијата да споделат дел од своите семејни спомени со присутните, кои се скапоцени сведоштва за историјата, за филмот, за нашето културно и општествено живеење.
Дигитално реставрираниот „Мирно лето“ ќе биде достапен за гледање онлајн преку каналот на Кинотеката и во следните 5 дена по оваа негова втора „дигитална премиера“.
Влезот на проекцијата денеска ќе биде бесплатен, но со претходно резервирани билети, а протоколите за заштита од Ковид-19 остануваат на сила.
Оваа година навршуваат точно шест децении од премиерата на филмот и неговиот одличен прием кај публиката. Со Љупка Џундева и Слободан Перовиќ во главните улоги, како Дара и Заре – чие посакувано и очекувано „мирно лето“ на охридското крајбрежје ќе се претвори во бучно дефиле на роднини, пријатели и патници-(не)намерници, актерскиот ансамбл го сочинуваат тогашните филмски и театарски ѕвезди Петре Прличко, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Анче Џамбазова, Димитар Ќостаров, Панче Камшик, Стојка Цекова, Вукосава Донева и други.
Во април 1991 година, Кинотеката организираше симпозиум на тема „Мирно лето – осмиот македонски игран филм“ на кој учествуваа голем дел од филмската и актерската екипа, како и голем број филмски критичари и историчари, писатели, уметници и културни дејци. Сите излагања и дискусии водени на овој симпозиум, задно со сценариото, во 2001 година беа објавени како посебено печатено издание на Кинотеката, денес достапно за истражувачи и проучувачи на македонската кинематографија. Во 2011 година е одбележана и 50-годишнината од „Мирно лето“.
Оваа проекција е дел од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ (A Season Of Classic Films), во кој учествува и Кинотеката, со двата класика „Фросина“ и „Мирно лето“. Филмовите беа неодамна дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, што е една од основните активности на Кинотеката, како единствена во земјава чија работа е да се грижи за заштитата и чувањето на националното аудиовизуелно наследство.
Целта на оваа иницијатива координирана од Европската асоцијација на кинотеки (АЦЕ) и поддржана од програмата Медија на Европската комисија, е да се доближи европското филмско наследство до публиката и младата популација да се запознае со она што за постарите генерации претставува „филмска класика“.
Сезоната на филмски класици се одржува втора година по ред, а овој пат, во овој циклус на проекции со свои реставрирани историски и културно значајни филмови за европската и светска кинематографија, учествуваат 22 филмски архива од цела Европа, односно од Брисел, Амстердам, Париз, Осло, Торино, Лозана, Болоња, Берн, Франкфурт, Будимпешта, Лисабон, Прага, Барселона, Даблин, како и од „соседите“ од нашиот регион – Загреб, Атина, Тирана, Софија.
Петочната проекција на „Мирно лето“ истовремено ќе биде пренесувана во живо и ќе може да се следи на каналот Јутјуб, преку линкови објавени на кинотечната страница на Фејсбук и веб-страницата на Кинотека.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.