Во рамките на манифестацијата „Денови на европско Скопје“, која се одржува под покровителство на Град Скопје, Дирекцијата за култура и уметност на Скопје со поддршка на Делегацијата на Европската Унија објави конкурс за новинарски текстови на тема: „ТЕБЕ ГРАДУ МОЈ“.
Официјалното доделување на наградите се случи денеска во просториите на Europe House – Skopje (поранешен ЕУ Инфо Центар), каде на присутните новинари им се обрати Амбасадорот на Европската Унија, Н.Е. Самуел Жбогар, кој заедно со Никола Глигоров, директор на Дирекцијата за култура и уметност им ги врачија наградите на наградените новинари.
Повод за годинашниот есеј беше 75-годишнината од ослободувањето на Скопје, а меѓу пристигнатите 12 текстови, беа избрани пет. Согласно одлуката на жирито првонаграден е новинарот од „Слободен печат“ Тони Димков, второто место е за новинарката од МТВ Анита Никушева, а трето место за Тони Цифровски новинар во Македонското радио, наградени се и Јасмина Никова од утринската редакција на МТВ и Светлана Блажевска од Вечер.
Наградите ги врачи и пред присутните новинари се обрати амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар, кој истакна дека денешниот настан е прв од областа на културата кој се одржува во Европската куќа – просторот кој порано беше познат како ЕУ-инфо центар, замислено да биде како место каде ќе се одвиваат и културни настани и каде повеќе ќе доаѓаат младите луѓе.
Оваа Европска куќа треба да биде хаб каде ќе доаѓаат младите луѓе, да се среќаваат, да учат, да гледаат европски филмови, место каде ќе се запознаат со европската култура, ќе креираат, ќе откриваат и ќе се забавуваат. Младите се на некој начин и помалку наивни, но нивниот светоглед е кристално чист и јасен, за разлика од нас постарите, кои сме малку нејасни, полни со цинизам и гледаме поразлично и помагловито на работите. Треба сите ние да ги слушаме нивните идеи и сугестии за можните решенија. Едно од тие прашања е миграцијата, заминувањето на младите луѓе. ЕУ ќе се обиде да им обезбеди основа за да останат во земјата, рече амбасадорот Жбогар кој, вели, по три години минати во Скопје веќе се чувствува како Скопјанец и со задоволство ќе ги прочита наградените есеи.
Директорот на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, Никола Глигоров на свеченоста додели и благодарници на медиумите кои придонесоа кон афирмацијата на работата на Дирекцијата, меѓу кои и на порталот „Република“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.