Мултимедијални изложби и презентации, перформанси, работилници, видео проекции, концертни и диџејски настапи се од високоволтажната програма на ЦИВИЛ ФЕСТ, што ќе се одржи на 10 и 11 декември, во Младински културен центар во Скопје. Фестивалскиот слоган е „Слобода, правда, еднаквост“ и се организира по повод Меѓународниот ден на човековите права и 70-годишнината од Универзалната декларација за човекови права, а посветен е на граѓанското новинарство и активизмот.
Програмата на ЦИВИЛ ФЕСТ започнува на 10 декември, со воведна панел дискусија „Слобода, правда, еднаквост“ во 13 часот. Веднаш потоа ќе се отвори изложба на фотографии во 14 часот со стотици авторски фотографии, за потоа да следат и отворања на повеќе други сегменти од овој мултимедијален хепенинг. „Кулите на граѓанското општество“ е називот на просторот на посветен на граѓанските организации што ќе се претстават пред публиката со видео и печатени материјали. На програмата се и видео проекции од продукцијата на ЦИВИЛ Медиа, како и видео записи од активностите на ЦИВИЛ во текот на целиот дводневен хепенинг.
На ЦИВИЛ ФЕСТ ќе има и многу музика. ЦИВИЛ отсекогаш ја поддржувал алтернативната музичка сцена, која најчесто е неправедно игнорирана од комерцијалните медиуми. Со овој настан, помладите музичари ќе имаат можност да го претстават своето музичко творештво и на некоја „понова“ музичка публика. Бендови и диџејски настапи ќе има во текот на целата програма, за што јавноста ќе биде посебно информирана деновиве.
Граѓанското новинарство и активизмот го менуваат светот, посветено и храбро, тие ги разобличуваат коруптивните и насилничките автократски режими ширум светот и повикуваат на демократски промени за кои ЦИВИЛ им дава особено значење. Затоа, ќе се одржи и церемонија за доделување на награди за граѓанско новинарство, на најактивните граѓански активисти кои редовно испраќаат разни фотографии и видеа до ЦИВИЛ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.