Американската академија за филмска уметност и наука денеска ќе ги објави номинациите за најпрестижната филмска награда „Оскар“, а македонскиот документарен филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е кандидат во две категории.
Преносот во 14 часот ќе може да се следи преку www.oscar.go.com и преку профилите на Академијата на Фејсбук, Твитер и на Јутјуб.
Единствен македонски филм кој добил номинација за „Оскар“ е „Пред дождот“ на Милчо Манчевски во 1995 година во категоријата филм од неанглиско говорно подрачје. Во 1980 како југословенски кандидат номинација за „Оскар“ тогаш доби документарец „Дае“ на Столе Попов.
Македонскиот филм е во потесниот избор за номинација за најдобар документарец и во категоријата најдобар странски филм.
„Медена земја“ лани победи на американскиот фестивал „Санденс“ и оттогаш филмот имаше неверојатно патување. Следеше импресивна година со освоени голем број награди, номинaција за европски Оскар и блескави критики од најреномираните филмски критичари и медиуми.
„Медена земја“ минатата недела ја доби наградата за најдобар документарец која ја доделува најпрестижното американско здружение на критичари, Друштвото на филмски критичари во Њујорк. Котевска и Стефанов се номинирани за најдобра режија од Друштвото на режисери во Америка (ДГА). Изминативе неколку денови филмот ја доби наградата за најдобар документарец на Националното друштво на филмски критичари и на Друштвото на филмски критичари во Њујорк, а кинематограферите Самир Љума и Фејми Даут ја добија наградата Филмско око за исклучителни достигнувања во кинематографијата.
Годинава доделување на наградата „Оскар“ е закажано на 9 февруари во театарот Долби во Холивуд. Втора година по ред, церемонијата на доделување Оскари нема да има водител
„Медена земја“ од денес до 18 јануари ќе игра и во Кинотеката, со по две проекции на ден, од 18 и од 20 часот. Влезницата чини 100 денари. Докуменатрецот до среда ќе игра и во скопското кино Милениум. Проекцијата е од 20 часот, а билетот чини 150 денари.
„Медена земја“ е филм за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата 85-годишна полуслепа мајка во централна Македонија, во селото Бекирлија, југозападно од Овче Поле. Атиџе ги почитува правилата на природата и половина од медот кој го произведуваат пчелите го зема за себе и го продава во Скопје, на пазарите, а половина им остава на пчелите. Со парите кои ќе ги заработи ја прехранува мајка си. Двете живеат во една стара, трошна куќа, без струја и вода. И тоа одлично функционира се додека не дојде едно семејство номади и сточари во селото. Деветчленото семејство мора да се прехрани и таткото Хусеин решава да одгледува пчели исто како и Атиџе, сметајќи на брза и лесна заработка. Притиснат од гладните усти на седумте деца потклекнува на притисокот на препродавачот кој го форсира да го продаде сиот мед што ќе го произведе. Хусеин не ги следи препораките на Атиџе, ниту пак го слуша мислењето на еден од синовите кој му вели дека мора да остави мед за пчелите, ако сака тие да произведат повеќе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.