На денот на раѓањето на големиот македонски револуционер Гоце Делчев, делегација на Владата на Република Македонија  и на ВМРО-ДПМНЕ положи свежо цвеќе на неговиот гроб во црквата Св. Спас.

Делегација на Владата на Република Македонија, предводена од заменик претседателот на Влада на РМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, придружуван од министерот за образование и наука, Арбер Адеми, и заменик министерот за култура Владимир Лазовски, денеска положи свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас, по повод 147 години од неговото раѓање.

Со овој чин, Владата на Република Македонија им се придружи на настаните со кои денеска граѓаните на нашата држава оддаваат почит кон делото на големиот револуционер Гоце Делчев, предводник во борбата и заложбите за македонска државност и за слободна земја, интегрирана во напредната заедница на народите.

Идеалите и заложбите на големиот визионер Гоце Делчев се наша заедничка обврска за единство и сплотеност во политичките предизвици, и со искрена и максимална вклученост на сите општествени чинители и граѓани.

Делегација на ВМРО- ДПМНЕ, предводена од членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Михајловски, заедно со претседателката на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, и претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, положи цвеќе пред гробот на револуционерот Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Денес се навршуваат 147 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, еден од носителите на идејата за слободна и независна Македонија и лидер на Македонската револуционерна организација. Делчев целиот свој живот го посветил на македонската револуционерна борба, нејзината самостојност и самобитност и создавање  македонска самостојна држава.

ВМРО-ДПМНЕ на овој ден се сеќава и оддава почит на ликот и делото на еден од најголемите македонски великани, кој ширејќи ја својата борба и визија кај македонскиот народ за кратко време станал апостол и срцето на македонската револуционерна борба.

Гоцевите идеи и погледи беа водич за македонскиот народ во стремежот и остварување на сонот за слободна и независна држава. Токму затоа денес наша должност и обврска е да ја негуваме македонската култура и да ја заштитиме посебноста, сувереноста и независноста на Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.