По повод 500. годишнина од смртта на големиот уметник, во Лувр ќе биде отворена најголемата до сега изложба со сите достапни дела на овој најголем ренесансен мајстор и изумител.
Големата италијанско-француска културна операција на две изложби: на Леонардо во Париз и Рафаело во Рим сега може да започне, објави италијанскиот министер за култура Дарио Франческини на Твитер.
Италијанското судство во средата го одобри заемот на неколку дела на Леонардо на парискиот Лувр, меѓу кои и цртежот ,,Човек на Витрувиј”, отфрлајќи го барањето на италијанската Ностра во кое се бараше цртежот да не ја напушти Италија. Судот пресуди дека тврдењето на тоа здружение за заштита на културното наследство не било доволно јасно.
Според договорот потпишан од француските и италијанските министри за култура, Рим ќе му позајми на музејот во Париз пет дела на Леонардо да Винчи за големата изложба во знак на сеќавање на петте векови од смртта на мајсторот на ренесансата (1452-1519), што ќе се одржи во Лувр од 24 октомври до 24 февруари 2020 година.
Покрај ,,Човекот од Витрувиј”, чуван во „Галерија дел Академија“ во Венеција, во Париз ќе има вкупно седум дела, покрај 13 други претходно одобрени од други италијански музеи.
За возврат, петте дела на Рафаело – две слики и три цртежи ,кои се чуваат во Франција ќе бидат позајмени за изложбата на делата на Рафаело во палатата Квиринале во Рим во март 2020 година.
Претходната италијанска влада, во која екстремно десничарската партија Лига Матео Салвини имаше големо влијание, не беше склона да подарува дела за изложбата во Лувр и инсистираше на тоа дека Леонардо да Винчи е првенствено Италијанец, иако во последните три години од животот живеел во Франција на покана на кралот Френсис I.
Заменик министерот за култура во поранешната влада, Лусија Боргонзони, блиска до Салвини, во тоа време рече дека Леонардо бил „голем Италијанец иако неговите браќа од другата страна на Алпите сакале да го претстават како Французин“.
Цртежот ,,Човекот од Витрувиј” , именуван според античкиот римски архитект Витрувиј, прикажува човек во две позиции што се преклопуваат, со продолжени раце и нозе, со круг и квадрат опишани околу нив. Овој цртеж, наречен Закон на пропорциите на човекот, само повремено се прикажува во јавноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.