„Дека е киното во Штип?“- со креативно видео младиот филмаџија Сашко Потер Мицевски покрена иницијатива за отворање на градско кино во Штип. Вели дека тој и цела генерација млади автори немаат соодветно место каде да ги прикажуваат своите остварувања, а помладите генерациии од најголемиот центар на истокот за да уживаат во најновите филмови мора да патуваат во соседните градови.
Мицевски кој по професија е филмски и тв монтажер, а сега работи како монтажер на тв серијата Преспав и е дизајнер на звук на 50-ина кратки филмови, вели дека иницијативата е добро прифатена.
Штип е град без кино речиси две децении. Иако е студентски центар, овој град, со мали исклучоци, речиси и да нема културна понуда за граѓаните. Во деведесетите години градот можеше да се пофали со две кина, од кои едното беше за летни проекции, па затоа видеото од иницијативата стана вирално и на неа се приклучија и други познати актери, спортисти и културни работници, а подршка има и од граѓаните.
Мицевски веќе стапил во контакт и со штипскиот градоначалник. Со него заеднички бараат најсоодветно решение конечно Штип да добие градско кино. Тој веќе почнал да прави истражување која техника би било најдобро да се инсталира, додека општината ја утврдува локацијата. Засега во игра е Мултимедијалниот центар, објект во сопственост на општината.
Младите не паметат, но постарите се сеќаваат дека одењето на кино бил ритуал за штипјани со генерации. Дека Штип има долга традиција говори и податокот дека штипјани првата кино проекција ја имале во 1909-та година, 14 години откако браќата Лимиер го патентирале кинематографот. Иницијативата на Мицевски се поклопува и со 100 годишнината од отворањето на првата кино сала во Штип, што почнала со работа на 15-ти јули 1920 година во тогашниот Гранд хотел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.