Предизвиците со кои се соочуваат кинодистрибутерите и киноприкажувачите во земјава ќе бидат во фокус на дебатата што денеска во 11 часот ќе се организира во Џебното кино на Младинскиот културен центар. Настанот е во рамките на CINEIndustry филмскиот маркет што го организира Асоцијацијата на филмските дистрибутери на Македонија од 25 до 30 ноември.

На дебатата ќе учествуваат: Маргарита Арсова (Младински културен центар), Игор Мраков (Cineplexx MK), Јулијана Кузмановска (MCF MKD) и Огнен Антов, продуцент (Dream Factory). Модератор ќе биде Сребра Ѓорѓијевска.

Арсова е координатор за меѓународни проекти во МКЦ од 2010 година. Таа е фестивалски координатор на фестивалот „Синедејс“. Мраков е маркетинг и менаџер за продажба во „Cineplexx Macedonia“.  Антов е продуцент на документарни филмови (Шнајдерките, Тутуноберачката), потоа играниот „Џган“, како и детскиот игран „Стела“, чија премиера се случи токму годинава.  Јулијана Кузмановска е главен менаџер за дистрибуција во дистрибутерската компанија „МЦФ-МКД“ од Скопје.

Дебатата ќе може да се проследи на интернет-страницата на АФИДИ (afidi.org/cineindustry), како и на фејсбук-профилот CINEIndustry Film Market.

Утре во 14 часот ќе следува презентација на Меѓународната федерација на асоцијации на филмски дистрибутери, што ќе ја одржи Алина Попеску, генерален секретар на ФИАД. Попеску ќе одржи онлајн-презентација за работата на ФИАД и предизвиците на дистрибутерите во Европа во овие предизвикувачки времиња и планираните стратегии и мерки за помош на филмската индустрија.

На 28 ноември во 12 часот ќе се одржи предавање на тема „Сè што сакавте да знаете за онлајн-дистрибуцијата, но никогаш не сте се осмелиле да прашате“. Ќе зборува Саша Станишиќ, режисер и главен координатор на Cinesquare.net, единствената македонска Video on Demand (VoD) платформа. На 29 и 30 ноември ќе се одржат пичинг-сесии на наши филмски режисери и продуценти со одобрени проекти, кои ќе имаат прилика да разговараат со филмски агенти за продажба.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.