По повод 15 години од постоењето на Фестивалот за современа уметност „АКТО“, денеска преку зум платформата ќе се реализира програмата „Акто Агора“ насловена „Културата е насловна страница на секое општество“. Програмата се организира во партнерство помеѓу Факултет за работи што не се учат (ФРУ) и Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата.

Како што соопштија организаторите, „Акто Агора“ оваа година повторно поттикнува и придонесува во креирањето на современите културни политики базирани на хоризонтално учество на сите сектори во културата, односно интегрирање на граѓанскиот сектор во креирање на културните политики на локално и национално ниво.

Учесници во годинашната „Агора“ се: Милена Драгичевиќ – Шешиќ, Искра Гешоска (Контрапункт/Крик), Рисима Рисимкин (Интерартс/Танц фест), Виолета Качакова (ЕПК 2028), Јасмина Билаловиќ (КСП Центар-Јадро) и Биљана Тануровска-Ќулавковски (Локомотива/КиноКултура).

Најавено е учество и на министрите за култура и за образование и наука Ирена Стефоска и Мила Царовска, градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, Роберт Алаѓозовски – национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка во Владата, Ева Елерет, директорка на Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје, Славица Инџевска, програмска директорка на Фондацијата „Отворено општество“– Македонија, Фалк Шлајхер, заменик раководител на Институтот „Гете“ – Скопје, Деа Видовиќ, директорка на Фондацијата „Култура Нова“ – Хрватска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.