Во соработка со Mediterranean Events, во сабота, 2 март, во Millenium Chapel во Ст.Џулијан, Малта, македонската композиторка Дарија Андовска ќе се претстави со целовечерен мултимедијален концерт под наслов LIQUID- CRYSTAL, како што е наречено и нејзиното авторско ЦД во издание на СОКОМ. Автор на видеата е Мартин Иванов.

Дарија Андовска е една од најплодните македонски автори, со широк спектар на делување. Нејзините дела се изведувани, издавани и наградувани во Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Белгија, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Италија, Германија, Грузија, Франција, Англија, Ирска, Данска, Шведска, Норвешка, Украина, Азербејџан, Австрија, Албанија, Русија, Мексико, Канада, Полска, Романија, Ерменија, Турција, САД, Кина.

Андовска беше избрана меѓу најдобрите шест млади и актуелни композитори во Европа за MusMA- Music Masters on Air 2013/14. Добитничка е на наградата „Виртуози“ 2013 и 2015 за најдобар композитор во Македонија, како и на наградата „Истакнат уметник на Град Цирих – композитор“ за 2014/2015 година.

Претставник на Македонија за CEEC (Централно – источна Европа и Кина) 16+1 2016/2017 и 2018/2019. Добитничка на наградата „Панче Пешев“ 2018 која Сојузот на композитори на Македонија ја доделува за највисоко достигнување од областа на музичкото творештво.

Работи како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност, како и на Факултетот за драмски уметности во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.