Најавеното бришење на „неподобните зборови“ од дигиталната форма на Толковниот речник со право внесе вознемиреност кај здраворазумската јавност.
Ви пронесуваме дел од одличен текст на Офнет објавен на оваа тема.
Бришењето на збор од речникот сигурно нема да го искорени од секојдневна употреба. Работата е сосема обратна – зборовите влегуваат (или не) во речник поради нивно континуирано присуство во секојдневниот говор, книжевноста, медиумите. Ова го разбрал дури и Институтот за македонски јазик – издавач на Толковниот речник – и позитивно изненадил со опција „Предложи збор“ на сајтот на истиот. Ако некои зборови се деградирачки и дискриминирачки за поединци или групи, за тоа речникот не е ништо виновен. Напротив, можноста тие во него да бидат означени како такви може да стане дел од градење свест за нивната сензитивност. Се разбира за оние кои ќе се помачат прво да погледнат во речникот па потоа да го употребат.
„Канселирањето“ јавни личности е материјал за сеир за површните, но причина за длабока загриженост на оние кои можат однапред да ја проценат опасноста од истото не (само) по судбините на поединци, туку и на цела човечка култура. „Канселирањето“ зборови е вовед во чистка на оние кои тие исти зборови би се осудиле да ги употребат, макар и во „добриот“ контекст.
На крај сосема практични забелешки. Како без „курва“ некој ќе го преведува Буковски? Дали пред Влада ќе ја палиме „Белото циганче“? Кој ќе ги лекторира фудбалските навивачи кога ќе сакаат да го наречат судијата со неговото заслужено име? Ако се лоши „каур“ и „педер“, што е со „сељак“, „дебела“, „џуџе“? Што ќе лекторираат лекторите кога ќе нема веќе зборови?
Апелираме – не кратете зборови од речникот. А ако тоа сепак се случи, тогаш ве молиме извадете го „радост“. Затоа што во стерилизиран јазик, дисциплиниран „од горе“, веќе и онака ќе ја нема.
Целиот текст ТУКА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.