Оркестарот на Филхармонија вечер ќе одржи концерт насловен „Далга“ на кој како солист ќе настапи македонскиот пијанист Дино Имери, под диригентство на Габриел Бебешелеа од Романија. Имери ќе настапи наместо шпанскиот гитарист Рафаел Агире, кој беше првично најавен, но поради болест го откажа гостувањето во Скопје.

На програмата се „Пијан танец – Пајдушко“ од македонскиот композитор Сони Петровски и Концертот за пијано и оркестар во бе-мол и Шестата симфонија „Патетична“ од Петар Илич Чајковски.
Концертот е поддржан од Европската Унија, а со истата програма оркестарот на Филхармонија на 14 октомври ќе гостува и во Белград.

Имери се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со проф. Људмила Романова, проф. Борис Романов (во чија класа и дипломира на ФМУ во Скопје со Кум Лауде), како и со проф. Симон Трпчески во чија класа магистрира на само 22 – годишна возраст со просек 10 и со почести Кум Лауде. Во својата досегашна дејност, Имери остварил многубројни настапи во земјава, но и во странство.

Вбројан е во 10-те најдобри европски пијанисти според ранг листата на Третиот европски пијано натпревар одржан во Нормандија, Франција, а подеднакво успешен е во земјава каде во 2013 година се здобива со највисокото домашно признание за класична музика – наградата „Виртуози“ во категоријата „Млад музички уметник“. Во 2015 го добива признанието „Лауреатна Фондација Томислав Зографски“ доделена од истоимената фондација за промоција на македонските композитори во земјата и во странство. Во 2010 година, потпиша двегодишен договор со Европската пијано програма – проект кој му ги отвори интернационалните сцени во Франција, Австрија, Полска… Во 2013 година го издава своето прво ДВД-издание со музика од Хајдн, Бетовен, Лист и Брамс, во соработка со „Фејмс“ оркестарот за снимање на филмска музика.

Диригентот Бебешелеа на 30-годишна возраст е етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија. Добитник е на бројни награди на престижни натпревари за диригенти, а забележлив е и како оперски диригент и именуван за шеф-диригент на Романската национална опера во 2011 година, со што стана најмладиот шеф-диригент во Романија. Од 2011 година, тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот младински оркестар. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.

Композиторот Сони Петровски е роден на 4 јануари 1977 година во Сиднеј, Австралија. Средно музичко училиште завршил во Битола, а дипломирал на одделот по композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф.Гоце Коларовски. Автор е на повеќе од 70 оригинални композиции и обработки во речиси сите жанрови – Операта „Леандар и Косара“, симфониски, концертантни, камерни, вокални, хорски и солистички дела. Автор е на повеќе нумери од албумот „Божилак“ на Тоше Проески како и 30-тина оркестрации на неговите песни изведувани ширум Балканот. Неговите дела се изведувани во земјава, регионот, на сцените низ Европа, но и во Нов Зеланд, Канада. Неговите дела се издадени на носачи на звук од СОКОМ, Музичка младина на Македонија, Трио Интерарт, City Records, Hit Records, Hi-Fi Centar.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.