Да се студирало македонски јазик во тие први повоени години воопшто не било лесно, ниту пак едноставно, зашто се апсорвирало нешто што само што добивало свој воспотавен тек. Но, младите генерации ги убедувало меѓусебното разбирање на релацијата професор-студент дека ништо ново не создавале туку завршувале одамна започнато од времето на Кирил и Методиј, рече денеска професорот Димитар Пандев на одбележувањето на 75 години од основањето на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазиции на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје денеска со свечен час – средба на генерации одбележа 75 години од основањето. На 16 декември 1946 година се одржало првото предавање на македонски јазик на високообразовна институција. Предавањето било на македонски, но и за македонскиот јазик, со што се поставени темелите на денешната Катедра за македонски јазик и јужнословенски јазици. Истовремено, тогаш е формиран и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ кој годинава, исто така, одбележува 75 години постоење.
А на уште недооформена катедрата, македонскиот јазик одново се нашол на жестоки напади во превртливото време, рече професорот Пандев.
Но, филолошката знајба што се пренесувала низ аулите на Факултетот исполента со метафори и алегории од стари книги и дневни митови упатувала дека на нескротливата младост на македонкиот јазик поттикната со зрелоста на академската кирилометодиевистика никој ништо не ѝ може. Со други зборови, политичката стихија ништо не и може на народнојазичната, рече професорот Пандев.
Тој говорше за професорите кои ги поставиле темелите на Катедрата.
Минатото Блаже Конески го побара по сѐ уште нерасчистените врвици од војната, собирајќи го фолклорниот материјал создаван под геслото ‘Македонско име нема да загине’ кое истражувачки ќе го пренесе во илинденската епопеја во времето на Крсте Петков Мисирков, а потоа и во македонските преродбенски училишта на трансверзалите меѓу црквата и Чаршијата и се така херменевтички до времето на Охридската книжевна школа. Конески ќе се сообрази со принципите на општата лингвистика, мошне брзо ќе се ослободи од стегите на традиционалната граматика и внимателно ќе ги следи трендовите во модерната лингвистика. По неговиот пат нема да заостане ниту Крум Тошев, а по тој пат ќе тргнат првите генерации дипломирани македонисти, рече проф. Пандев.
Пандев потсети дека на едно од првите собранија на Сојузот на друштавата на македонски јазик и литература Конески ќе стане јавно во одбрана делото на Кирил и Методиј.
Можеби никогаш докрај нерасчистено прашање е кому во тоа време му пречела глаголицата, како што им пречел и македонскиопт јазик. Но Конески се наоѓа упатен да ја брани, како што секогаш останува доселеден на принципите на општата лингвистика и на нејзините погледи за литературните јазици во современиот свет, ќе се сообразува со актуелизациите во современата лингвистика. И постојано ќе креира одбранбени позиции пред сите напади на македонскиот јазик, дополни професорот Пандев.
Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје рече дека Катедрата има свои животни циклуси.
Има своја пролет, свое раѓање, обнова и будење во 40 и 50 години на минатиот век, има све лето – виталност, акција, авантура во 60 и 70 години, има своја есен – жетва, златно доба, плодови во 80 и 90 години, има своја зима – студ, пасива, хибернација во 20 години од новиот, 21 век. На прагот сме на нов циклус кој не води до прашањето, што понатаму? Оваа временска отсечка од 75 години постоење и делување е доволен период за рефлексија во однос на ова прашање, т.е. за рефлексија во манир на Мисирковата реторика ‘Што направиме и што треба да направиме“ или пак во манир на христијанската реторика Quo vadis? Одговорот на овие прашање ќе дојде во наредните 25 години, кога ќе се најдеме во 100-та година од постоењето на Катедрата – рече професорката Дучевска, која се надева дека во блиска иднина ќе се воведат нови, свежи и подобрени концепти и пристапи кон работата.
Раководителката проф. д-р Искра Пановска-Димковa во поздравното обраќање рече дека Катедрата ја има честа нејзин основач и прв раководител да биде великанот на македонската наука за јазикот Блаже Конески, во чија чест Филолошкиот факултет денес го носи неговото име.
Истакна дека делото на Конески и неговите современици – професори од Катедрата кои придонеле во развојот на јазикот, ги обврзуваат и натаму да ја развиваат наставно-научната дејност за идните генерации македонисти и им се поттик, како што рече, за уште посмела афирмација на македонскиот јазик на внатрешен, но и на меѓународен план.
Во изминатите седум и пол децении на Катедрата дипломирале над 2000 студенти, а најголем дел од нив се наставници по македонски јазик и книжевност во основните и средните училишта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.