Веднаш зборувам за одговорност и постојано ќе зборувам за одговорност затоа што ми е совршено јасно дека ние како држава единственото нешто со што располагаме и со што можеме да бидеме препознаени и прифатени во светски контекст е културата. Мојата задача е посветеност и заштита на културното наследство и во таа смисла раскрстување со варварското однесување кон културното наследство, бидејќи тоа нè носи во пропаст, истакна вчера новата министерка за култура, д-р Ирена Стефоска, на примопредавањето на позицијата од нејзиниот претходник, д-р Хусни Исмаили.

Таа додаде дека нејзина задача како министерка е посветеност и заштита на културното наследство (недвижно, движно, нематеријaлно) и во таа смисла, раскрстување со варварското однесување кон културното наследство, бидејќи тоа нè носи во пропаст.

Ваквата определба и нејзината реализација подразбира едукација, вклучување луѓе со капацитет и знаење, подразбира вклучување на младите луѓе, подразбира надминување на сите јазови – било да се работи за генерациски, социјални или етнички – подразбира препознавање на една, заедничка цел. И затоа, мојата цел како министерка е да работиме на обединување на нашите знаења за да ја одржиме таа витална врска на нашиот културен амалгам, на нашето заедничко наследство, со современите и иднините културни, образовни, естетски, па дури и економски практики. Таа врска мораме да ја одржиме од едноставна причина што таа нè прави она што сме“, потенцираше новоименуваната министерка за култура, д-р Ирена Стефоска.

Министерката за култура своето прво обраќање пред новинарите го заврши со мислата на историчарот Јохан Хојзинга кој подвлекол дека „Ако сакаме да ја сочуваме културата, мораме да продолжиме да ја создаваме“.

Досегашниот министер, д-р Исмаили, на новоименуваната министерка за култура ѝ пожела срдечно добредојде во Министерството за култура и многу успех во мандатот, со оглед на нејзиното претходно искуство во областа на културата и заложби во Комисијата за култура при Собранието и други тела. Исмаили посочи дека во Министерството за култура се реализираат многу проекти и, во таа смисла, ги истакна Законот за остварување на јавниот интерес во културата кој е во собраниска процедура и донесувањето на Колективниот договор во културата како двата најважни социјални столба кои се од огромно значење за унапредување на состојбите во културата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.