Во Центарот на Скопје, на фасадите на зградите на ул. „Рузвелтова“ 44a – 46а, се поставени 130 црно- бели портрети на уметници, културни работници и креатори на културна политика или поддржувачи на културна сцена со цел да го свртат вниманието на општата јавност кон културата и уметноста, како неискористен потенцијал на општеството.

Уметноста може да е двигател за промени, да ги постави вистинските прашања, да отвори нови можности, да го разбуди општеството и да влијае на колективната свест, тоа е пораката на движењето „Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“

Локална активност на глобалната платформа „Inside Out“, во Скопје е именувана како „Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“ со цел да пренесе неискажани ставови на домашните културни дејци.

Акцијата порачува дека ако не ги поддржиме уметниците, ќе продолжиме да го жртвуваме креативното и инспиративното, на олтарот на прозаичната политичка реалност со сѐ поограничени можности, веќе полна со ќорсокаци. Зашто на работата на уметниците предолго се чувствува одекот од ставот на општеството: Овде е бесмислено да се вложува во култура. При што како доказ се користи и малубројната публиката која ги следи случувањата од областа на културата и уметноста, вели Максим Ристевски, член на тимот.

„Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“ во Скопје ја иницираат Весела Моловска и Марија Коробар, кои нашите 130 личности, ги приклучуваат на веќе портретираните 400 000 лица од 138 земји низ светот каде глобалната платформа „Inside Out“, на францускиот уметник ЏР (JR) веќе им помага на поединците и заедниците да изразат став во општеството, преку групна акција, со прикажување на црно-бели портрети од големи размери на јавни површини, видливи за јавноста.

Скопската „Inside Out“ започнува на 21 септември и ќе трае до крајот на месецот. Како дел од проектот е создавање на документарен филм со кој покренатите прашања ќе имаат поголема трајност.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.