На 18 март, четврток, со почеток во 12 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје, ќе се одржи честување на големиот македонски поет Анте Поповски. По повод 90 години од неговото раѓање беседа за неговото творештво ќе одржи проф. д-р Кристина Николовска, а стихови од неговата поезија ќе рецитира актерката Јована Спасиќ.
Настанот ќе се одржи во спомен-собата на Миладиновци согласно пропишаните мерки за одржување културни настани.
Анте Поповски – поет, есеист, препејувач, публицист. Роден на 3 јуни 1931 година во с. Лазарополе. Починал на 1 октомври 2003 година во Скопје. Завршил медицински факултет во Скопје. Бил член на Извршниот совет на СР Македонија, директор на весникот „Нова Македонија“ и на „Вардар филм“, потпретседател на републичката комисија за културни врски со странство (во СРМ), претседател на Друштвото на писателите на Македонија (два мандата), претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата (два мандата). Член на МАНУ. Член на Македонскиот ПЕН центар.
Автор е на 15 поетски книги. Неговата поезија е преведаена на многу светски јазици и е добитник на наградите-„Браќа Миладиновци“, „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Ацо Шопов“, „Гоцевата повелба“ и на меѓународната награда “Premio Europa”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.