Повеќе од една деценија нема греење во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово. Во зимскиот период нема настани, манифестации во главната сала, во малата сала, во изложбениот салон. Системот за греење што бил сместен во поранешниот „Текстилпромет“ во „Сума“ бил украден пред повеќе од деценија и оттогаш во зимските период не се одржуваат настани во оваа установа.
Според кажувањата на вработените со доглогодишен стаж во оваа установа, системот за централно греење се наоѓал во „Сума“, спроти Центарот за култура. До посебната котлара за затоплување, што се наоѓа во самиот центар, имало вод од приближно двесте метри. По распаѓањето на поранешната фирма од Куманово „Текстилпромет“ почнале и проблемите со затоплувањето на Центарот за култура.
Извесен период затоплувањето функционирало, иако имало поситни дефекти, но пред дванаесет години, главниот систем за греење во „Сума“ бил украден и оттогаш постојано бил мета на крадци кои во неколку наврати ги краделе деловите за затоплување.
Во овој период затоплени се административните канцеларии каде што се сместени вработените во установата. Директорот на установата, Сашо Тодоровски, вели дека проблемот е затекнат, но тоа не значи дека не се обидуваат да најдат соодветно решение за надминување. Свесен е дека се губи продуктивен период за одржување настани и манифестации и дека освен тие како установа, најголеми губитиници од целава ситуација се граѓаните кои остануваат скусени од квалитетна понуда на содржини од културата.
Она што е примарно за оваа институција, салата, фоајето не можат да се употребат за ништо. Ова е хендикеп за нас. Со завршување на фестивалот Денови на комедија, можеме да организираме уште неколку настани во ноември, во зависност од временските услови и ако темепературата надвор е поволна, може да организираме некој настан со дополнителни грејни тела што се поставуваат во големата сала и толку, сезоната завршува. Иако, токму во овие месеци Центарот за култура треба најмногу да се експонира, на пример со гостувања од државата и странство и кумановската публика да има можност да ужива во овој период од годината, вели, Тодоровски.
Тој вели дека во тек е подготовка на проектна документација која ќе ја достават или до Министерството за култура, Владата или пак меѓународна организација кои ќе треба да одвои средства за изградба на нов систем за затоплување.
Не знам дали постои некаде на друго место во Македонија, ваква централна институција од областа на културата во која нема греење, вели Тодоровски.
Оние кои се заинтересирани да проследат настан или доколку има најавено гостување, настаните и манифестациите се одржуваат во салата на театарот. Но, таму може да се собере помал број на публика. Големата сала на Центарот за култура има 670 места, додека салата во театарот има само 270.
Мерлин Стојановска, кореограф на „Денс Студио Мак“ раскажува дека и самата како дете била членка на ова студио и вели дека тогаш условите за работа биле извонредни.
Во 1984-та имаше парно греење и сите активности, музички, драмски, литературни, секции за примената уметност, фолклор, латино-американски танци, хор, се одржуваа редовно во одлични услови. Во големата сала се одржуваа бројни настани и учениците и воопшто граѓаните имаа можност да проследат, се она што го нудеа тогаш и секциите и гостувањата однадвор, раскажува Стојановска.
Таа не може со сигурност да се сети како и кога е украден тој систем.
Само љубовта кон танцот не одржува. Се снаоѓавме како умееме, не дозволивме да има прекини многу е важно и за напредокот на клубот и на децата постојано да тренираат. Затоа сега користиме грјени тела за затоплување на оваа просторија, вели Стојановска.
И професорката Тања Китановска Стојковска, доктор на науки од областа на спортот и спортскиот менаџмент, тренер по спортски танци: латино-американски и стандардни танци се сеќава дека во 90-тите години кога и самата била член, условите во однос на затоплувањето биле значително подобри. И покрај тоа што просторот каде што вежбаат децата е затоплен со греалки од различен вид, сепак, вели е несоодветно да се вежба со два пара хулахопки, понекогаш и со ракавици, несоодветни чевли, кои се битни за успешно совладување на техниките за танц.
Можеме да се пофалиме со најубава сала за разлика од просторот со кој располагаат другите клубови низ Македонија, но убавината ние ја чувствуваме само и единствено во три месеци, почнувајки од април, мај и октомври. Кога е премногу топло полесно се снаоѓаме, но ниските температури ни пречат во успешното совладување на фигурите и кореографиите, бидејќи директно влијаат на флексибилноста, на брзината и понатаму со себе ги повлекуваат сите останати примарни и секундарни моторни способноти. Тренингот на пет степени значително се отежнува, обувките за танц приморани сме да ги замениме со потопли комерцијални чизми, додека од друга страна важните натпревари не се сообразуваат со нашите тренинг-услови, посочува Китановска Стојковска.
Над 150 настани, изложби, промоции претстави се одржуваат во кумановскиот Центар за култура во останатите месеци од годината. Центарот за култура е граден 1981 година и еден од најубавите објекти во државата. Зафаќа површина од 4500 метри квадратни.
извор: 24.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.