Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ Кавадарци и во 2019 година интензивно продолжува со своите активности од областа на културата и уметноста.

Во петок, на 18 јануари 2019, со почеток од 19.40 часот, во Галеријата при Домот на културата ќе биде отворена самостојна изложба на академскиот ликовен уметник Владимир Темков од Кавадарци. Изложбата содржи дела од неговото најново творештво, а е по повод 60 години живот/40 години творештво. За изложбата на отворањето ќе зборува академик Блажо Боев.

Што се однесува до останатите настани, Домот на културата е во интензивна подготовка на одбележувањето на јубилејот 90 години од одигрувањето на првата официјална театарска претстава во Кавадарци. Станува збор за голем јубилеј кој ќе биде одбележан со бројни настани (театарски претстави – премиери, репризи и гостувачки, изложби и др.) низ годината. Во таа насока е и подготовката на новата премиера на Театарот при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, целовечерната „Од кол на кол“ по текст на Реј Куни, во режија на Диме Коцевски и чие прво излегување пред публиката се очекува во втората половина на месец февруари. Во рамките на јубилејот, оваа година кавадаречкиот Театар ќе исфрли три премиери на целовечерни претстави и три премиери на детски театарски претстави (од кои првата веќе започна со првите подготовки). Празнувањата на Театарот во Кавадарци започнуваат кон крајот на јануари со реприза на матична сцена на хит претставата „Пасивно пушење“ и нејзино гостување во периодот кој следува на неколку сцени низ Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.