Турски театар в четврток, на 25 јули (20 часот) премиерно ќе ја изведе претставата „Бог на масакрот“ од Јасмина Реза, а во режија на Билге Емин. Сценографија е на Татјана Блажевска Христоска, костимографија на Марија Папушевска, а Џенап Самет е асистент на режија.
Улогите во претставата ги толкуваат: Сузан Акбелге, Џенап Самет, Филиз Ахмет и Селпин Керим.
Ова е претстава која се работеше и се гледа во еден здив, рече актерот Самет, кој е асистен на режисерката Емин. Според него, Емин работи класичен театар во реален свет кој испраќа порака.
Со говор и глума точно и детално објаснуваме што се бара во претставата. Иако станува збор за фамилијарна драма, таа има поттекст, вели Самет.
Ова е трет проект на режисерката Емин во Турскиот театар. Како родена скопјанка која работи и во други театари и држава, Емин нагласи дека е среќна што во „Бог на масакрот“ работи со луѓе кои и припаѓаат на истата генерација со која таа се дружела од мала и со кои и денес разменуваат исти мислења и ставови.
„Бог на масакрот“ е важен текст во светската литература и нема каде не е поставен на театрските сцени ширум светот. Ова е текст за дивјаштвото во човекот и надменоста. Текстот говори за две деца на 11-годишна возраст кои ќе се спречкаат и во таа тепачка, едното од нив ќе му ги скрши забите на другото дете. Родителите на децата се договараат да се сретнат и да ги решат проблемите, вели Емин.
„Бог на масакрот“ е трета премиера за оваа година. Станува збор за квалитетна претстава која има моќен дух и од Турски театар веруваат дека долго време ќе биде на репертоарот. Оттаму најавија дека отворањето на новата сезона ќе биде на 15 или 16 септември со втора премиера. До крајот на годината е планирана уште една премиера, „Зад затворени врати“ која е планирана за 25 или 26 септември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.