Деновиве, во издание на издавачка куќа „Центар за култура и културолошки студии“ – (ЦККС) од Скопје, од печат излезе новата научно-истражувачка книга: „Блаже Конески присутен и во македонската драматургија“ од македонскиот драмски писател, поет, научен работник Зоран Пејковски.
Во предговорот Зоран Пејковски, меѓу другото, ќе напише:…„Оваа научно-истражувачка книга: „Блаже Конески присутен и во македонската драматургија“ се осврнува на дел од творештвото на книжевниот историчар, филолог, јазичар, поет, прозаист, есеист, и, пред сѐ, кодификатор на современиот македонски литературен јазик, големиот Блаже Конески – по повод 100-годишнината од неговото раѓање (1921-2021), кој со своите научни тенденции остави најзабележителен белег во македонската наука, посветена на македонскиот јазик, како единствен јазик кој ги изградил и осовременил сите свои атрибути и посебности, а притоа не заборавајќи на македонските просветители светите Кирил и Методиј и нивните ученици, за кои секогаш со пиетет може да се зборува, светите Климент и Наум Охридски, кои не само што ја продолжија мисијата на своите учители, туку описменија и создадоа нови учители, испраќајќи ги да ги описменуваат оние што не знаеле писмо, преку свети Климентовиот универзитет, еден од најстарите универзитети во Македонија, Европа и светот, во кој се описмениле и образовале над 3.500 ученици…а Блаже Конески продолжи токму таму или токму тука“…
Имено, таа е поделена на четири дела. Првиот дел се однесува на: Блаже Конески низ театарската историографија. Вториот дел се однесува на: Анализа на едночинката „Гладна кокошка просо сонуе“ од Блаже Конески. Третиот дел се однесува на: Компарацијата меѓу Блаже Конески и Антон Павлович Чехов во драмските дела. И четвртиот дел се однесува на: Другите за Блаже Конески како книжевник и научник. Така што преку овие делови авторот Зоран Пејковски сака и на свој начин да го доближе Блаже Конески до секој од нас.
Рецензент на оваа научно-истражувачка книга е проф. д-р Мишел Павловски, кој во својата рецензија ќе напише:…„Верувам дека секое навраќање на делото на големиот Блаже Конески не е само придонес за македонската книжевна историја, туку и тула која го доградува цврстиот ѕид на македонскиот идентитет.
Исто така, верувам дека е потребна храброст истражувачот да се фати во костец со проблематика на која не ѝ е посветено внимание, со проблематика која, можеби, не спаѓа во главните текови кои профилираат одреден автор.
Токму затоа книгата на Зоран Пејковски за едночинката на Блаже Конески „Гладна кокошка просо сонуе“ е провокативна, интересна и потребна. И поради вредниот труд кој авторот го вложил, но и поради тоа што осветлува дел од творештвото на Блаже Конески за кое не се зборува многу. Додадена вредност на проектот е што, покрај анализата на улогата на Професорот во почетоците на македонската современа драматика, авторот, во четвртиот дел, поместува текстови, истражувања и сеќавања за Конески кои изданието го прават потребно не само за оние чиј интерес е драмата и Конески, туку, воопшто, за сите кои се интересираат за делото на Великанот.
Свесен сум за можеби нагласениот лирски момент кога ги употребувам термините Професорот и Великанот, но, истовремено, длабоко сум уверен дека за Конески може и треба да се зборува во овие термини. Книгава, меѓу другото, сметам, ќе го потврди мојот став.
Сè на сè, пред нас е издание кое зборува за творештвото на Конески од агол кој не е често користен, издание кое е значајно и според предметот на истражување и според резултатите кои ги нуди“….
Инаку, со оваа научно-истражувачка книга неговите книжевно-драмски, поетски, прозни, научно-истражувачки и публицистички остварувања ја достигна бројката од 52 книжевни дела. Ваквата бројка се должи на тоа што неговиот дијапазон на творештво е различен и во секои области. Добиник е на повеќе домашни и странски награди и признанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.