Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“ ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2020 година од областа на ликовната критика. Комисијата во состав Елена Вељановска, Ана Франговска и Нада Пешева одлучи наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2020 година да се додели на проектот „Тајните места на Скопје“ на Благоја Варошанец, заради развиеноста, обемот на проектот и акутноста на истражувачката проблематика.

Проектот се осврнува на ургентната потреба од документирање, мапирање и архивирање на современото модерно уметничко наследство: скулптури, објекти, мурали, мозаици, витражи и сл., поставени во јавен простор на територијата на градот Скопје, создадени во периодот по втората светска војна сѐ до 90-тите години на 20 век. Тој им дава видливост на познатите, а открива и помалку познати остварувања на модерната, реализирани во јавен простор, на отворено, но и во разновидни објекти од јавен карактер: згради на јавни установи и деловни објекти, дворови на фабрики и сл. Ова истражување и дава светлина на модерната уметност и од контекст на круцијалноста во урбанистичкото планирање на градот, во кое уметнички дела се планираат како интегрален дел од една архитектонската целина, а не како нивна декорација.

Благоја Варошанец (1982, Скопје) е кустос во Музејот на современата уметност во Скопје. Дипломира на катедрата на Историја на уметност со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Образованието го продолжува на постдипломски интердисциплинарни Културолошки студии во книжевноста на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во 2019 година станува член на Извршниот одбор на МНК ИКОМ, а во 2020 година се стекнува со стручното звање Виш кустос. Неговата префесионална определба е ориентирана кон водење и презентирање на колекцијата во Музејот, како и презентирање на современи уметници. Има курирано над 50 изложби на светски познати уметници, изложби во соработка со Британскиот Совет, како и Биеналето на млади, интернационални изложби и соработки. Се занимава со фотографија и истражувања во областа на културата и уметноста.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.