Драмската програма на „Охридско лето” за вечерва ја нуди театaрска претстава „Бакхи – краток преглед на распадот по Бакхи” од Еврипид, во изведба на Народниот театар од Битола. Претставата ќе се игра на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.
Режисерот на поставката Вук Торбица за драмата ќе каже дека од преостанатите и сочувани грчки трагедии на Еврипид, Бакхи се издигнува заради неколку тематски и формални причини, но можеби најважна е таа што Бакхите ја содржат алузијата на театарот сам по себе и фактот дека тие говорат за неговата скриена моќ и нашето цивилизациско сознание: моќта на раскажување на приказни.
Според него, Бакхите се прапочеток на „мета театарскиот“ текст. Самиот текст претставува длабока загатка за релативноста и променливоста на нашиот идентитет. Студија за тоа во што го препознаваме божественото, истовремено и потсетник дека тоа, „божественото“ доаѓа во облици кои не сме подготвени да ги прифатиме и да ги препознаеме. Но, можеби нај интересното прашање со кое се занимаваме во нашата претстава е: зошто нашиот идентитет, наместо во вредностите кои ги делиме и за кои се бориме, пред се’ е конституиран „со она другото“ – непријателство спрема „надворешниот противник“? Дали на тој начин криеме дека вистинскиот „непријател меѓу нас – сме самите ние?“,дека сме вистински странци себеси и едни на други, односно дека ништо не не саботира повеќе отколку општествените препреки коишто самите си ги наметнавме.
Улогите во претставата ги толкуваат Маја Андоновска – Илијевски, Огнен Дранговски, Соња Михајлова, Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Мартин Мирчевски, Васко Мавровски, како и хорот во состав Викторија Степановска – Јанкуловска, Валентина Грамосли, Петар Спировски, Сандра Грибовска и Анастазиа Христовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.