Во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар вечерва во 22 часот ќе биде изведена претставата „History of motherfuckers“ инспирирана од Шекспировото дело „Кориолан“, а во режија на Андраш Урбан. Претставата на Народниот театар од Битола ќе биде изведена во рамките на фестивалот Млад отворен театар.
Претставата не е политика. Претставата се занимава со човекот и неговата заедница. Претставата е борба. Хумана борба. Никој не го сака Кориолан. Ни Шекспировата драма, ни ликот. А тој е вистинит и искрен. Потајно сите се согласуваме со сѐ што кажува. Но едно е сигурно. Тој не е ние. Тој за нас кажува она што ние за себе не смееме, вели режисерот Урбан.
Во претставата играат: Иван Јерчиќ, Никола Пројчевски, Соња Михајлова, Викторија Степановска-Јанкуловска, Сандра Грибовска. Костимите се на Благој Мицевски, а сценографијата на Валентин Светозарев. Во претставата се вклучени и музичарите Александар Димовски и Славчо Јовев.
„Како крајот и да не е сосема блиску“ на Битеф Театар од Србија во режија на Никола Зависиќ денеска ќе има четири изведби од 14, 16, 18 и 20 часот на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ).
Експериментална претстава на Битеф театар е инспирирана од суптилните поместувања на светот, односите и човечката интеракција во дигиталната реалност, обидот за измислување некои нови облици на соживот и заедништвото на човекот и машината во најинтензивните времиња што досега сме ги искусиле. Публиката, составена од пет луѓе, ќе може да доживее виртуелно патување низ можните нови светови околу и во нас самите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.