Oд 1 до 3 септември во Скопје ќе се одржи првото издание на Скопскиот поетски фестивал (СПФ) во Младинскиот културен центар.

Скопски поетски фестивал/Skopje Poetry Festival е интернационален фестивал што преку поезијата ќе ги поврзе поетите, музичарите, ликовните уметници, фотографите, актерите, дизајнерите, филмаџиите, книжевните критичари, професорите, студентите, учениците, издавачите итн. За првото издание разговаравме со Биљана Стојановска, новинарка и поетеса, која е дел од неколкуте ентузијасти што го организираат овој Фестивал.

Во септември ќе се одржи првото издание на Скопскиот поетски фестивал, најавен како синергија на уметностите, поврзани на иновативен и, пред сѐ, на забавен начин. Како дел од тимот што го организира, кажете ни како течат подготовките?

Како и за секој организиран настан потребни се многу енергија и вложен труд. Секој член од тимот е задолжен за различен сектор, меѓутоа сè се прави во консултација со другите членови, затоа што пред се сите сме дел од поетскиот свет и секогаш некому може да му текне подобра идеја од другиот. Најважна е тимската работа, да се согледуваат реално можностите, да се мечтае, но и да се биде приземен и отворен за соработка. На подготовките активно се работи секој ден, мора да се има максимална посветеност за да се има квалитетен плод. Резултатот мислам дека ќе биде видлив.

На Скопје му недостасуваше една ваква манифестација, а група млади ентузијасти одлучи да ја реализира, ја добивте ли очекуваната поддршка?

Ако мислите во финасиска смисла, поддршка засега добивме само од град Скопје, а во пресрет ни излезе и Младинскиот културен центар каде што ќе се одржува фестивалот. Им благодариме за отворениот ум и визионерската мисла. Сè  уште сме во потрага по спонзори, затоа што, сепак, фестивал не се прави од воздух. Во однос на онаа другата поддршка, ја имаме уште од првиот ден од голем број љубители на книжевноста. Имавме прекрасни реакции, се гледа дека луѓето се жедни за културни настани, за случувања што ќе го раздвижат градот, како со тело, така и со ум.

Со оглед на тоа дека фестивалот е интернационален и најавивте дека преку поезијата ќе ги поврзе поетите, музичарите, ликовните уметници, фотографите, актерите, дизајнерите, филмаџиите, книжевните критичари, професорите, студентите, учениците, издавачите итн. Кои се учесниците на СПФ и што ќе понуди програмата?

Програмата иако е веќе утврдена, наскоро ќе ја соопштиме во целост. Можеме само да ветиме дека ќе има од сè по нешто за сечиј вкус, од музика, до перформанси, ликовна уметност, филм…Иако се работи за само три дена, ќе понудиме квалитетна програма, ќе се чујат и видат звучни домашни и светски имиња, и секако, покрај убавиот пишан збор, загарантирана е и забавата. Многумина сметаат дека поезијата не умее да биде забавна, ама и те како може, дури и за оние што не сакаат поезија.

Скопје заслужува да се најде на мапата на градови што имаат поетски фестивали, какви се плановите за развој на Фестивалот во следните години?

Скопје одамна заслужува да се најде на мапата на градови што имаат поетски фестивал. Не само затоа што сме главен град, туку затоа што сме град што сака поезија. Поетските настани во Скопје се посетени, публиката е жедна за поезија, сака да слуша, да чита, да ужива во поетскиот збор. Плановите за понатаму ни се големи, планираме Скопскиот поетски фестивал да биде од светски ранг и од национален карактер. Меѓутоа, ако планираш нешто големо мора да го правиш во етапи. Засега, со оглед на тоа дека ова ќе ни биде прва година, одиме полека, полека, и вниматело, како дете што проодува.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.