Поради вториот бран на коронавирусот во земјава и во пресрет на веќе воведените препораки како да се заштитиме, в петок на социјалните мрежи ќе биде споделен вимео линк на кој бесплатно ќе може истата вечер онлајн да се проследи играниот филм „Прашина“ во режија на Милчо Манчевски. Линкот и деталите ќе бидат споделени на официјалните страници на режисерот на фејсбук, инстаграм и твитер.

„Прашина“ е второто филмско остварување на Манчевски од 2001 година во кое главните улоги ги играат Џозеф Фајнс, Дејвид Венам, Адриан Лестер, Роузмари Марфи, Ен Броше, Николина Кујача, Владо Јовановски, Петар Мирчевски и Јосиф Јосифовски, а музиката ја потпишува Кирил Џајковски. Директор на фотографија е оскаровецот Бери Екројд.

Приказната се распостила на два континента и низ три столетија, и во неа балканскиот див исток се судира со американскиот див запад, видено од призма на современиот Њујорк. Прашина, под мотото „Каде ли ти оди гласот кога веќе те нема”, е апотеоза на исконската потреба да се раскажува приказна и да се остави трага зад себе. Во САД ја следиме братската борба за љубовта на една жена, а на Балканот борбата на еден револуционер против Отоманската империја. Филмот е предмет на бројни културолошки анализи, есеи и расправи и на научната конференција на Универзитетот во Лајпциг во 2002 година, со што дополнително ја потврдува својата (уметничка, естетичка, културна) вредност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.