Во Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје беше одржана комеморација по повод трагичната смрт на актерката Билјана Беличанец, која беше и поранешна градоначалничка на општина Кисела Вода од редовите на оваа партија.
На комеморацијата свои проштални говори имаа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претседателката на Унијата на жени, Благица Ласовска, како и поранешната претседателка Даниела Рангелова, но и нејзиниот колега од театарските штици Роберт Велјановски.
Во своето обраќање, Мицкоски преку цитатат на Шекспир ја опоша Беличанец.
Шескпир рекол ‘Не плашете се од големината: некои луѓе се раѓаат големи, некои стекнуваат големина, а на некои им доделена’. Билјана беше дел од првата категорија на луѓе, тие кои се раѓаат големи. Таа беше предодредена да биде голема. И тоа не само во својата професија, туку и како човек, пријател, соработник. Професионалец. Поседуваше редок и раскошен талент, огромен човечки габарит. Во нејзе се судруваа контрастите на бесконечната насмевка, детската чистина, и огромната и нескротлива желба да ги направи луѓето околу себе среќни, задоволни, исполнети, дури и би рекол не штедејќи се себеси, жртвувајќи се за да измами насмевки, среќа, задоволство кај другите, рече лидерот на партијата.
Мицкоски посочи дека Беличанец како градоначалничка лавовски се борела и во општината Кисела Вода, општина која, како што рече тој, имала големи проблеми, при што Беличанец успеала да направи многу.
Драга моја Беличанец, во овие моменти ние ја продолжуваме битката за која ти говореше далеку пред времето. Потрагата по правдината, чесноста, мечтаењето, тагувањето и радувањето, кажа тој.
Мицкоски го заврши своето обраќање со повик за еден огромен аплауз наместо молк, затоа што како што рече, нејзиното дело и име треба да се слави и понатаму.
На комеморацијата во седиштето на партијата присутни беа голем дел колеги, соработници и членови на семејството на Беличанец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.