Речник на туѓи зборови во македонскиот јазик, како и за учебникот „Акушерство“ од група автори, доктори на Гинеколошко акушерската клиника се двете нови книги кои ги објави издавачката куќа „Бата прес“.
Лексикографското издание „Мал речник на туѓите зборови во македонскиот јазик“ од Толе Белчев, Снежана Веновска-Антевска и Елена Јованова-Грујовска е „мал“ само по тоа што ги содржи најчесто употребуваните зборови од другите јазици (англиски, германски, француски, латински јазик), а не и од јазиците на соседите (српски, бугарски, албански, турски, грчки), а авторите – угледни лингвисти и универзитетски професори најавуваат дополнети и нови изданија од овој вид. „Малиот“ речник е толковен и има 550 страници, голем формат.
„Малиот речник на туѓите зборови во македонскиот јазик е текст наменет за сите возрасти, особено за помладите кои се среќаваат секојдневно со непознати зборови или со зборови што ги прочитале или ги слушнале некаде и не им го знаеле точното значење. Потоа во различни пригоди и од различни причини сосема несоодветно ги употребуваат тие зборови. Оваа книшка е потсетник за таквите зборови со цел да се употребат онаму каде што е потребно и соодветно. Овде е направен избор од непознати туѓи зборови што се употребуваат често“ пишуваат авторите во воведот на делото, нагласувајќи дека дел од зборовите „потекнуваат од други јазици, а дел од нив можат да се јават како нови од соодветниот јазик. Оние што потекнуваат од други јазици се поставени како туѓи, странски зборови, а ако ги има во повеќе јазици тие се јавуваат како интернационализми.“
Рецензенти на речникот се проф. д-р Максим Каранфиловски и проф. д-р Маќеј Кавка.
Делото „АКУШЕРСТВО – учебник наменет за студенти по општа медицина, специјализанти по гинекологија и акушери“ од проф. д-р Весна Антовска, проф. д-р Марјан Стојовски, прим. д-р Милка Трајанова, доц. д-р Викторија Јовановска и ас. д-р Александра Стојовска-Лазарова.
е прв голем зборник од оваа област објавен на македонски јазик, во голем формат, на 770 страници, со голем број на слики, графикони, табели, примери од пракса, со користена и цитирана литература од светски авторитети од оваа област.
Првичната промоција на учебникот ќе биде на Новогодишниот саем на книгата што од 11 до 15 декември се одржува во Трговскиот центар „Рамстор – Центар во Центар“ – Скопје, а издавачот во соработка со Здружението на приватни гинеколози и акушери на Македонија (ЗПГАМ) ќе организира голема промоција во втората половина на јануари 2020 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.