Во издание на „Бата прес“ на се објави преводот на романот за деца и тинејџери „Олгица и дедото вреден милиони“, од познатиот романски писател Алекс Молдован. Делото од романски на македонски јазик го преведе Ермис Лафазановски, а илустрациите се на Јожеф Вас. Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура и програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Ова е третата од десетте книги од десет различни европски јазици што „Бата прес“ ќе ги објави оваа и наредната година во рамките на проектот „Отворени книги – отворени граници“.

Олгица е дванаесетгодишно девојче, како и секое друго. Во ред, не како сите други: таа е палава, дрска, секогаш е во неволја, нема многу пријатели, а нејзината фамилија е толку поделена што таа не ја препознава тетка ѝ кога ќе се појави на вратата. Згора на тоа, Константин, нејзиниот богат, строг и угледен дедо, многу сака да ја види. И тој нема да прифати никакво одбивање. На изненадувањата им нема крај – бележи, меѓу другото, авторот на преводот, писателот Ермис Лафазановски.

Писателот Алек Молдован е роден 1977 година во Клуж, каде што и сега живее. Вљубеник е во литературата за деца, џезот и е доброволец во друштвото за заштита на животните. Завршил филозофија, превел над триесет книги и работел како книжар. После долги години повторно ја почувствувал потребата да пишува и основал свој блог. Го нарекол Жолтиот велосипед. „Олгица и дедото вреден милиони“ е неговиот прв роман.
Илустраторот Јожеф Вас живее во Клуж, а лиценца за графика и дизајн добил од Православниот универзитет Партиум од градот Орадеа. Успеал да развие личен препознатлив стил, креирајќи дела во областа на дигиталните илустрации, но и во акварел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.