Секој што барем еднаш ја посетил Битола и надалеку познатиот Широк сокак ја слушнал приказната за љубовта меѓу Елени Каринте и Мустафа Кемал Ататурк. Во градот на клавирите, со години живее приказната за една неостварена, а премногу моќна љубов. Приказната се раскажува, живее на Широк Сокак, илјадници туристи со восхит и воздишка ја слушаат…
Елени е ќерка на трговецот Ефтим Каринте. Нејзиното семејство било едно од најбогатите битолски семејства кои со другите семејства од тој ранг го диктирале општествениот и трговскиот живот во Битола во последните децении на деветнаесеттиот век. Куќата на Каринте се наоѓа на Широк Сокак кој бил центар на сите збиднувања.
Според некое предание, нејзината прва средба со Мустафа била кога таа имала само десет години. По некоја случајност, младиот кадет Кемал се нашол во огромната кујна на Каринтиеви на некоја богата прослава. Елени пред него засвирела на домашниот клавир за да покаже што ја научиле француските учителки коишто ѝ држеле часови по пијано.
Кемал се враќа во Истанбул за да го продолжи своето образование на Воениот колеџ со еден убав спомен и мелодија која одѕвонува.
Седум години подоцна, Кемал се враќа во Битола за да раководи со Воената Гимназија. Еден ден, на балконот од куќата во која бил пред седум години ја здогледал Елени. Според преданијата, во недостаток од нејзина фотографија, била убава руса девојка, која многу ја сакала книжевноста.
Времето во кое живееле и средината која диктирала општествени и морални норми и не одобрувала врска меѓу христијанка и муслиман, Елени сепак побегнала за Кемал.
За бегањето на Елени од дома во прегратките на Кемал, многумина стари битолчани имале своја верзија, но за најверодостојна се смета онаа која вели дека Кемал ја сместил Елени во куќа на негови пријатели.
Но, богатото семејство Каринте успева да ја врати Елени дома и да ѝ ја одземе љубовта која за многу кратко ја имала толку блиску.
Семејството ѝ договорило брак со најдобриот работник на Ефтим, Тоде, кој добил дури 900 наполеони мираз. Но, веројатно, бракот не се реализирал, а Елени побегнала во Лерин. Се раскажува дека до крајот на животот примала чек од лице што ја издржувало. До денес не е откриено од кого.
Кемал пак, се враќа во родната Турција. Станал прв претседател на Турција, творец на модерната турска држава, поради што го добил името Ататурк, татко на нацијата. Се оженил со Латифе Ханам, но бракот траел само две години.
Ататур и Каринте не се сретнале никогаш повеќе. Останало само писмото кое Елени му го напишала на својот сведок, како сведок на една тажна љубов…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.