Оваа година Балетот слави 70 години и по тој повод в сабота на 5 октомври ќе се одиграат „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“.

Својата прва премиера, Балетот на МНТ ја прикажал на 27 јануари 1949 год. во кореографија на Ѓорѓи Македонски, под диригентската палка на Трајко Прокопиев, сценограф Василие Поповиќ – Цицо, костимограф Милица Бабиќ – Јовановиќ, беше изведен балетот ВАЛПУРГИСКА НОЌ од операта „Фауст“ на Шарл Гуно. Во таа прва претстава настапиле: Ѓорѓи Македонски, Анелизе Асман, Драган Савиќ, Благовеста Каваја, Жика Сувачеревиќ…
Ѓорѓи Македонски е основоположникот на нашиот балетски ансамбл.
Триесет години подоцна Ѓорѓи Македонски во „Екран“ од 1978 година ќе ја опише атмосферата по повод овој настан: „На премиерата, публиката што немаше билети ги скрши прозорците од споредните простории и влезе „непоканета“. И никој не ја избрка, ниту пак ја казни, бидејќи одушевувањето беше општо и огромно. Поради аплаузите и постојаното враќање на уметниците на сцената, претставата, наместо два и пол часа траеше четири часа“.
За формирањето на балетот, неговиот основач, Ѓорѓи Македонски ќе истакне: „За Шеф на балетот на Државната опера во Скопје, сум поставен со Акт за стапување на должност, бр.2226 од 1 јули 1948 година…истата година претстоеше премиерата на операта „Травијата“, а во нејзе има балет. Бидејќи во Скопје не постоеја балетски играчи, ниту балетско училиште, бев принуден од Белград да донесам балерини и играчи…Ангажирав една група од 25 членови и со неа почнав да ја подготвувам кореографијата за „Травијата“. Истовремено објавивме конкурс за едногодишен балетски курс, на кој се пријавија 120 кандидати. По аудицијата, задржавме 30 девојчиња и сите 30 машки што се пријавија“.
Нов балетски празник се случил на 30 декември 1949 година, кога младиот ансамбл го прикажал својот прв целовечерен балет „Бахчисарајска фонтана“ од Борис Асафјев, исто така во кореографија на Ѓорѓи Македонски. Во „Бахчисарајска фонтана“ се појавува практично и првата генерација македонски балетски играчи кои во следните години, а повеќето од нив во следните две децении, ќе бидат главни носители на репертоарот. Меѓу нив се имињата на Натка Пенушлиска, Светлана Мавровска, Магдалена Јанева, Олга Милосавлева, Емилија Џипунова, Елица Поповска и Јанка Атанасова, односно Тони Шулевски, Александар Гочков и Љубомир Спасовски, малку подоцна и Вера Божинова, Смиљка Силјанова и Олга Дорошева.

Сон на секој кореограф е да ги постави на сцена „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“, бидејќи тие се две прекрасни дела, од двајца музички великани, Жорж Бизе и Шарл Гуно. Кога уметничкиот раководител на балетот, Олга Панго, ми понуди заедничка соработка за овие две дела, без размислување прифатив и веднаш започнав со подготовка на кореографијата. Оваа задача бараше од мене посебна инспирација, бидејќи за овие две дела има постоечка кореографија од светски познати кореографи, како што се: Алберто Алонсо, Баланшин, Матс Ек и др. Кога започнав со работа на кореографијата, сфатив дека дури и не го познавам доволно балетскиот ансамбл на НОБ, а мојата креативност секогаш е подобра, кога правам кореографија според балетски играчи, кои лично ги познавам. Затоа, многу се подготвував дома, само јас и музиката. И од таму, кога почнав со работа со балетот во Скопје, точно знаев што сакам да направам. Комбинирајќи различни стилови на движења, сакам да презентирам чиста, неокласична, сложена технички и возбудлива кореографија за македонската публика. Би сакал да истакнам, дека добив огромна поддршка од прекрасниот балетски ансамбл Националната опера и балет. Ви посакувам долготрајно уживање и секако забавувајте се!, изјави Габор Кевехази, кореограф од Унгарија.

Габор Кевехази е роден во Будимпешта, каде што дипломира на Државниот балетски институт (1970) но ги продолжува студиите на балетскиот институт „Ваганова“, Санкт Петербург (1970-1991). Бил член и главен солист во Унгарската оперска куќа од 1972 до 1992 година. Во овој период, ги толкува скоро сите машки главни улоги од балетската литература. Освоил златен медал на Меѓународниот балетски натпревар во Варна (јуниорска категорија, 1972) и сребрен во 1975 година (категорија за возрасни).
За време на кариерата како балетски солист, настапувал во познати театри ширум светот, како што се: Ковент Гарден во Лондон, Виенската државна опера, Минхенската државна опера, Болшој театарот во Москва и театарот Киров во Санкт Петербург. За време на својата кариера, се стекнал со огромно искуство работејќи во водечките светски класични балетски компании, а во исто време, креирал широка меѓународна мрежа на односи.
Габор Кевехази не е само балетски солист, туку и креативен уметник. Неговите кореографии на „Балинка“ (Музика: Дип Форест), „Кристофоро“ (Музика: Бела Шакци Лакатос), „Зорба“ (Музика: Микис Теодоракис) и „Ода на радоста“ (Музика: Лудвиг ван Бетовен), постигнале успеси во Унгарија и во странство, како на пример Мексико и Грција.
Бил директор на балетот во Националната Унгарска опера од 1989 до 1992 година за прв пат. Во 1992 година го основал „Будафест“ , летниот фестивал на операта и балетот, кој се одржува секоја година со голем успех. Од 2001 година четири години бил директор на балетот во Печ и успеал да го претвори во реномирана компанија во Европа.
Повторно бил назначен за директор на Унгарскиот национален балет на 1 август 2005 година. Под негово водство премиерно се изведени балетските претстави: „Бајадера“, „Минатото и сегашноста“, „3 Бартикс“, „Чекор по чекор“, „Страст“ „Однесено со виорот“ и многу други.
Добитник е на повеќе признанија и награди, меѓу кои и наградата за доживотен член на Националната опера на Унгарија (2007).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.