Во рамки на Скопско лето, вечерва (28 јуни), со почеток од 20 часот, во Национална Опера и Балет ќе се изведе балетската претстава во два чина „Ана Каренина“ од Петар Илич Чајковски, во кореографија на Лео Мујиќ од Хрватска.

Во претставата, чија основа е познатиот роман на рускиот писател Толстој, играат Мими Поп Алексова Атанасовска, Бобан Ковачевски, Васил Чичиjашвили од Грузија, како и истакнати солисти и целиот балетски ансамбл на НОБ.

Подоцна, пак, со 21 часот на плоштад „Мајка Тереза“, платото пред НОБ, ќе се изведе керамичко-мултимедијалниот проект „Непослушност“ на авторката Соња Поповска-Трајковска. Режисер е Наташа Поплавска, кореограф Ирена Лозинска, а настапуваат актерите: Жаклина Петровска и Жарко Димоски, пантомимичарот Драган Георгиевски, како и музичкиот квартет „Полихимна“.

„Непослушност е  проект кој се одвива во два дела. Првиот дел е перформанс на сенки во кој настапуваат пантомимичарот и двајцата актери, а сценариото се одвива во сферна атмосфера. Во вториот дел ќе треба посетителите да го следат движењето на пантомимичарот кој ќе ги однесе кон скулптури (изработени од теракота, земја) кои ќе бидат поставени на одредена локација. Целта е да се презентира непослушноста/послушноста кај жителите на Земјината топка во однос на нејзино зачувување, стои во најавата за проектот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.