Програмата на „Охридско лето“ вечерва нуди две содржини и тоа модерната балетска поставка „Либертанго“ на сцената „Долни Сарај“ од 22 часот и солистички концерт на уметникот на пијано Оли Мустонен од Финска од 21 часот во црквата „Света Софија“.
„Либертанго“ на музика од Астор Пјацола е претстава која го покажува создавањето и патот на тангото. Уличен танц што го достигнува пиедесталот на светската танц-сцена. Танго или танцот на страста, желбата, љубомората, љубовта, привлекувањето… На почетокот на минатиот век во Аргентина често има прилив на емигранти од Европа, а најмногу од нив биле Италијанци и Шпанци. Аргентина е новата ветена земја, земја што им давала надеж на сиромашните Италијанци, емигранти кои во почетокот на 20 век тргнале да бараат подобар живот. Оваа приказна ни го покажува патот на италијанското семејство Пјацола.
Ќе настапат Александра Мијалкова во улогата на мајката на Пјацола, Васил Чичијашвили како татко на композиторот, Марија Кичевска Шокаровска која ја игра улогата на танго-танчерката Мариа Ниевес, Игор Веланоски како танго-танчер, Саша Евтимова која ќе ја одигра улогата на првата жена на Пјацола и Наташа Јосифовска како последната жена на композиторот.
Кореограф на претставата е Италијанската Сабрина Боско, режисер и либретист Наташа Поплавска, сценограф и костимограф еАлександар Ношпал.
Во рамките на традиционалната Вечер на Европската унија што се одржува на фестивалот „Охридско лето“, вечерва со почеток во 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе се одржи концерт на финскиот пијанист Оли Мустонен.

Овој големуметник, виртуоз на пијано, започнува да учи пијано на само 5-годишна возраст, а негов учител бил еминентниот пијанист Ралф Готони. Само две години подоцна, започнува да учи композиција со еден од најпознатите фински автори на современа музика Еинојухани Рутаваара.
Како и неговиот сонародник Еса Пека Салонен, Оли Мустонен во светот е познат по неговите врвни интерпретации на пијаното, додека пак во родната Финска е многу ценет како композитор. Мустонен исто така е ангажиран и како диригент на Фестивалскиот оркестар во Хелсинки кој самиот го основа. Покрај тоа го предводи оркестарот Тапиола Симфониета и е уметнички директор на Музичкиот фестивал во градот Турку. Во 1991 година потпишува ексклузивен договор со издавачката куќа Дека за која снима ЦД со Прелудиуми од Шостакович и Алкан, издание кое е наградено од страна на списанието Грамофон за Најдобра инструментална изведба. Голем број од снимените материјали на Мустонен ги издава финската компанија „Ондине“. Како инструменталист е особено активен на концертните подиуми во Европа и Австралија, а композиторот Родион Шчедрин му го посветува Концертот за пијано и оркестар бр. 5.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.