Вечерва со почеток од 21 часот во Младински културен центар (МКЦ)  во салата на кино „Фросина“ ќе се одржи концертна промоција на албумот „IV“ од Баклава. Албумот ќе биде достапен и на винилно издание, кое може да се набави на промоцијата на 28 февруари во МКЦ.

Специјални гости ќе бидат Дарко Рундек, Петар Младеновски, Борис Минов, Александар Спасовски, Симе Златков, Бранко Илиевски, Дарко Попов и Гоце Лалковски.

„Четворката е новиот албум! По неколку години создавање конечно излегува четвриот албум на групата Баклава. Јубилеен со своите четири страни. Богат со 13 песни, огромна екипа, различни жанрови и е вртење сосема нова страница.
Создадовме светска музика. Вложивме многу. И мака и љубов. Сметаме дека ова е најдобриот албум што сме го направиле до сега и сме многу благодарни на сите што го градеа со нас и сите што го поддржуваа на каков било начин. Ова ремек-дело е наше дете. Без разлика дали тоа ќе ви биде смешно или раздразливо, ние го сметаме за свое, исто како да сме го родиле. И можеме да ви порачаме, дека покрај тоа што ги сакате вашите деца, и покрај тоа што ве радуваат или нервираат додека растат, чувајте ги. Чувајте ги додека можете. Дајте им корен и дајте им крилја…
Описно, овој колоритен албум е создаван на концептот на бои. Секоја песна е посветена на конкретна боја, претставена преку музиката и стиховите. Сликата што ќе ја добиете слушајќи ги, е токму она расположение што ви ја предзвикува некоја од 13-те бои: TURQUOISE (Тиркиз), ПУРПУРНА, CHOCOLATE (Чоколада), РУЗМАРИН, ПЕНДОЛИРА, СИНА, РУБИН, СРЕБРЕНА, СИВА, БЕЛА, НЕВЕН, ФЛАМИНГО, СЕНКА.
Пеено е претежно на македонски јазик, но тука и таму има и понекоја строфа и на турски, хрватски, влашки, латински… Музиката на скоро сите песни ја напиша Елена Христова. А стиховите Сибо. Отсвирено е на многу инструменти, а свиреа големи мајстори, вели бендот за новото издание.

Се снимаше во различни студија: “Tralala”, “Enterprise”, “Alshar”, “Chicken Madness”… Елена, која најчесто беше и аранжер, покрај неа беа и продуцентите Мите Димовски, Тино Скендеровски, Ивица Јанкуловски, Andreas Hz, Дарко Спасовски, Горан Кан, Бојан Угриновски… Мастерингот за LP на крај го направи Мите Димовски.

Фантастичниот дизајн на омотот и целата естетика воопшто е на Нерсес Малакјан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.