Продуцентската куќа Авард Филм и Видео во текот на Јули и Август ќе има премиери на два филма, во кои што се јавува како малцински копродуцент.

Имено на 26 Јули 2019, во главната програма на Мотовун Филм Фестивал, својата премиера ќе ја има хрватскиот документарен филм „Туста“, посветен на фронтменот на култниот панк бенд Куд Идијоти. Режисер на филмот е Андреј Коровљев, продуцент е Фактум од Хрватска (Ненад Пуховски), а како копродуценти се јавуваат Wake Up од Србија (Билјана Туторов), Авард Филм и Видео од Македонија (Владимир Стојчевски и Горан Стојилковиќ) и Загреб Филм од Хрватска (Винко Брешан). Во филмот се појавуваат и значајни имиња на музичари, новинари, музички менаџери и љубители на музика од македонската алтернативна сцена.

Филмот е реализиран со поддршка на Хрватскиот Аудиовизуелен Центар и Филмскиот Центар на Србија, а Авард Филм и Видео е дел од копродукцијата со сопствено учество. Овој филм македонската премиера ќе ја има во рамките на фестивалот Синедејс во ноември 2019.

На 19 август 2019, премиера во главната програма на престижниот Сараевски Филмски Фестивал ќе ја има и албанскиот игран филм „Отворена врата“ на режисерот Флоренц Папас. Продуцент на филмот е Bunker FIlm+ од Албанија (Ено Милкани), а како копродуценти се јавуваат Circle Film од Косово (Бесник Крапи), Lupin Film од Италија (Рикардно Неро) и Авард Филм и Видео од Македонија (Владимир Стојчевски и Горан Стојилковиќ).
Како македонски дел од екипата во проектот учествуваат и актерот Висар Вишка, композиторот Александар Пејовски, Фејми Даут како прв асистент на камера, дизајнерот на звук Игор Поповски од студиото Аудиохаус, заедно со целосната екипа на секторот звук составена од Ристо Алчинов, Илија Цветковски, Драган Спасов, Ненад Стефаноски и Леотрим Вока.
Проектот е реализиран со поддршка на Националните филмски центри на Албанија и Косово, како и со поддршка на Еуримаж. Македонската премиера филмот ќе ја има во рамките на фестивалот Манаки, во септември 2019, по што ќе следи и неговата кино дистрибуција



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.