Асоцијацијата на филмски дистрибутери на Македонија заедно со Фестивалот на европски филм „Синедејс“ од утре до 30 ноември го организираат дистрибутивниот маркет CINEIndustry. Маркетот ќе се одржи во хибридна форма – дел од програмата ќе оди во живо во Младинскиот културен центар, а дел – онлајн.
Во шесте дена колку што ќе трае маркетот ќе бидат организирани панел-дискусии, презентации, мастер-класи, пичинг-сесии.

Ќе разговараме за актуелните проблеми со кои се соочуваат дистрибутерите и ќе го опфатиме целиот дистрибутивен синџир, а исто така ќе ги претставиме најновите домашни филмски проекти во развој на потенцијално заинтересирани агенти за продажба и дистрибутери, велат од Асоцијацијата.

На тема „Успешната дистрибуција на филмот „Медена земја““, продуцентот Атанас Георгиев утре во 15 часот ќе одржи онлајн-предавање за успехот на кинодистрибуцијата на најуспешниот документарен филм во Македонија. Настанот ќе биде пренесуван во живо на интернет-страницата shorturl.at/hCHN4 и фејсбук-профилот на CINEIndustry Film Market, како и на фејсбук-профилот на Младинскиот културен центар од Скопје.

На 26 ноември ќе следува панел-дискусија на тема „Кинодистрибуцијата на филмовите во време на глобална пандемија – проблеми и предизвици“.

На дискусијата што ќе се одржи на 26 ноември во 11 часот во Џебното кино во Младинскиот културен центар, ќе учествуваат: Маргарита Арсова (Младински културен центар), Игор Мраков (Cineplexx MK), Јулијана Кузмановска (MCF MKD) и Огнен Антов, продуцент (Dream Factory). Модератор ќе биде Сребра Ѓорѓијевска.

Наредниот ден (петок) во 14 часот ќе следува презентација на Меѓународната федерација на асоцијации на филмски дистрибутери, што ќе ја одржи Алина Попеску, генерален секретар на ФИАД. Попеску ќе одржи онлајн-презентација за работата на ФИАД и предизвиците на дистрибутерите во Европа во овие предизвикувачки времиња и планираните стратегии и мерки за помош на филмската индустрија.

На 28 ноември во 12 часот ќе се одржи предавање на тема „Сè што сакавте да знаете за онлајн-дистрибуцијата, но никогаш не сте се осмелиле да прашате“. Ќе зборува Саша Станишиќ, режисер и главен координатор на Cinesquare.net, единствената македонска Video on Demand (VoD) платформа. За време на пандемијата, „Синесквер“ беше домаќин и сè уште е домаќин на неколку онлајн-фестивали и онлајн-настани и филмски премиери.

На 29 и 30 ноември ќе се одржат пичинг-сесии на наши филмски режисери и продуценти со одобрени проекти, кои ќе имаат прилика да разговараат со филмски агенти за продажба.

CINEIndustry се реализира со поддршка на Министерството за култура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.