Под мотото „Читањето е супермоќ“, издавачката куќа „Арс Ламина“ втора година по ред ја организира кампањата за поттикнување на читачките навики кај децата. Идејата на акцијата е подигнување на читачката култура кај најмладите, затоа што дете што чита е возрасен што размислува. Онлајн кампањата на „Арс Ламина“ има за цел да ја поттикне љубовта кон книгите, да се создадат идни читатели и да се инспирира корисно и паметно поминато време во текот на летниот распуст.

Во рамки на онлајн кампањата „Читањето е супермоќ“, која ќе се одвива преку социјалните мрежи на „Литература.мк“, ќе биде организиран фото-конкурс. Во предизвикот учесниците ќе треба да објават фотографија со некоја од книгите за деца од „Арс Ламина“ (достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk) и да напишат свое објаснување зошто читањето е супермоќ (означено со хаштазите: #ЧитањетоЕсупермоќ, #Либи, #АрсЛамина, #Литературамк). Кампањата ќе ја поддржат јавни личности од најразлични области, влијателни лица од социјалните мрежи и претставници на сите нивоа на образование.

„Арс Ламина“, како најголем издавач на литература за деца, продолжува да ја збогатува својата понуда на квалитетни книги од задолжителната и незадолжителна литература за деца, од истакнати домашни и светски писатели.

Во понудата на „Арс Ламина“ има и голема продукција на литература за деца од предучилишна возраст: сликовници, и богато илустрирани басни и бајки, кои изобилуваат со многубројни морални поуки, и ги поттикнуваат децата да размислуваат и да проценуваат што е добро, а што не.

Дополнително, сѐ со цел да ја поттикнеме љубовта кон пишаниот збор кај најмладите, во март ја почнавме акцијата видеочитална, во чии рамки, на „Јутјуб“- каналот на „Литература.мк“ објавуваме видеа во кои вработените на „Литература.мк“ и „Арс Ламина“ ги читаат омилените детски книги. Исто така, споделуваме бесплатни извадоци и цели изданија на книжевни класици за деца (во продолженија) на блогот на „Литература.мк“, велат од „Арс Ламина’.

Минатата година, во рамки на кампањата во соработка со Институтот за педагогија, се одржаа четири сесии обуки на Филозофскиот факултет насловени како „Развивање на читачките навики и способности кај учениците“, на кои имаше над 1300 посетители, наставници, педагози, библиотекари и воспитувачи од целата држава. Исто така, беше промовирана и едицијата „Лесно читливи лектири“, чиј број на наслови се збогатува и оваа година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.