Чувството дека македонскиот филм е заробен во некој маѓепсан затворен круг и дека постојано едни исти автори се фаворизираат, а некои други се маргинализираат, останува и по вчера објавените резултати за поддржани проекти од Агенцијата за филм. Притоа, особено силно чувство на горчина остава фактот дека преовладуваат претприемачки, должнико-доверителски, трговски (гласините велат дури и коруптивни) односи во македонската кинематографија, за сметка на уметничката и естетска релевантност на проектите, се вели во реакцијата на проф. д-р Антонио Митриќески и целата авторска екипа на „Горчливо езеро“.

„Особено боли фактот дека многу од македонските филмаџии, дури и оние со долг стаж во нашиот филм и со забележителни резултати и трага, се соочуваат со ситуација нивните дела во зародиш и нови фимски проекти, да се препознаени како потенцијал за значајни филмски остварувања надвор од земјава, а потценувани и шиканирани дома. Ништо ли не научивме од „Медена земја“ како кинематографија? Да, македонскиот филм, по големиот успех и двете номинации за Оскар, има(ше) историска шанса да стане Медена земја, аместо Медов вилает.

Фондот со кој располага Агенцијата за филм припаѓа на сите граѓани и тој фонд го полнат сите даночни обврзници, затоа е непоимливо и неприфатливо да се прави ваква „приватизација“ и тој да се става исклучиво во функцја на лични цели на мала и затворена група. Зарем не е целта на овој фонд да се афирмира македонскиот филм, македонската култура, да се поддржат проекти што ќе афирмираат вистински вредности? Зарем во 21 век и по сите општетсвени и политички промени сѐ уште живееме во време на стигматизација на автори како неподобни и непожелни?

Жртва, драги мои, не се авторите, жртва се нивните дела. Жртва е македонскиот филм, кој наместо да биде едно ширко поле за уметнички натпревар, останува ексклузивно право на малкумина.

Нека биде оваа наша реакција поттик сите филмски работници да се обединиме за реформа во начинот на одлучување на Агенцијата за филм. Наместо читачи скриени во дупка да се оди на јавни читања на сценаријата и јавен пичинг, на кој стручната филмска јавност и фелата ќе може лично да се уверат во квалитетите и потенцијалот на филмските дела во зародиш. Транспарентноста на процесот можеби нема сосема да ги отклони сомнежите за коруптивно наместо естетско одлучување, но секако ќе го намали просторот за такви девијантни однесувања. Тоа е и европски и светски тренд, отворен пичинг наместо анонимни читања!

Драги пријатели, имаме една моќна, актуелна и естетски релевантна приказна, со тема која го распламти интересот на сите филмски инстанци до кои допре. Имаме мултинационана копродуцентска екипа со оскари во витрините што на прв поглед се вљуби во семејната драма што сакаме да ја раскажаме. Како авторски тим и страствени филмаџии, тоа нѐ обврзува да продолжиме да се бориме оваа приказна да го изоди, за жал горчивиот, пат до филмска проекција. Веруваме многу во оваа приказна и тоа ни дава сила и енергија да продолжиме да се бориме за неа со уште поголем ентузијазам“, пишува режисерот Митриќески.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.