Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави романот „Оренда“ од канадскиот писател Џозеф Бојден – прекрасна историска сага мотивирана од наследството и културата на домородните народи во Канада. Преводот на македонски е на Ѓургица Илиева.

Далечна зима во XVII век во Канада. Се случуваат брутален масакр и киднапирање на девојче од племето Ирокези. Тоа ќе ги влоши и онака непријателските односи меѓу Ирокезите и Хуроните. Хуронскиот воин – Птица решава да го посвои девојчето чие семејство го убил во замена за своето убиено семејство. Се бори да ги освои срцето и наклонетоста на девојчето, а притоа малите битки еруптираат во војни. Истовремено, меѓу Хуроните живее и Кристоф, језуитски мисионер посветен на проучување на животот и на обичаите на домородното население, со желба да им го покаже на луѓето вистинскиот пат и да ги преобрати во христијани.

Додека животите на овие три главни ликови се испреплетуваат во нераскинливи мрежи, разни сојузи се склопуваат и раскинуваат, а културите и верувањата се судираат соочени со опасната промена.

„Оренда“ е приказна за крв и надеж, сомнеж и доверба, омраза и љубов: сага што е стара речиси четиристотини години – а сега се претвори во безвременско книжевно дело.

Книгата е објавена со поддршка на Канадскиот совет за уметност.

Џозеф Бојден (1966) е канадски романсиер и писател на кратки раскази. Има ирско, шкотско и мешано домородно потекло (метис). Студирал креативно пишување, а и самиот бил универзитетски професор. Како граѓански активист, гласноговорник е за заштита на старите култури, животната средина и менталното здравје. Живее во Луизијана, со сопругата Аманда, двајцата како писатели со резиденцијален престој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.