Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави романот „Стаклената река“ од бугарскиот писател Емил Андреев, добитник на наградата на читателите за роман на 2005 година и на наградата „ВИК“ за најдобар роман на 2005 година. Преводот на македонски е на Душко Крстевски.
Што се крие зад буквите ND издлабени во темелите на православен храм? Какви се чудните камени статуетки на црквата во село Градиште и чиј е духот што броди во неа? Пред овие прашања стои младата Французинка Елен Тибо, која пристигнува во Бугарија за да најде траги од доцното богомилство. Овде Елен сретнува група студенти што ја реставрираат црквата заедно со својот професор Стефан Методиев. Откако ќе се смести во куќата на баба Монка, каде што е сместена и убавата сликарка Марица, Елен се запознава со Виктор Марков.
Започнуваат да се случуваат невообичаени нешта што ги вовлекуваат во мистериозни случувања што го запираат здивот. Соништа, преданија и реалност измешани во едно ужасувачко дводневно патување во земниот пекол на љубовта и страста.
Емил Андреев мајсторски раскажува и гради една естетика на ужасот, напнатоста и загатката. Романот е истовремено и мистичен, и авантуристички, и готски, и историски!
Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија и на Министерството за култура на Република Македонија.
Емил Андреев (1956) е бугарски писател. Завршува англиска филологија на Великотрновскиот универзитет, а подоцна специјализирал и новинарство. Работел како учител, новинар, преведувач и професор по англиски јазик на Богословскиот факултет при Софискиот универзитет. Преведуван е на англиски, полски, словачки, српски и македонски јазик.
Душко Крстевски е роден во Скопје, на 22 мај 1981 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и е магистранд по филолошки науки. Бил предавач по македонски јазик и литература. Автор е на една книга поезија и на голем број есеи објавени во периодиката. Преведува од бугарски, од хрватски и од српски јазик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.