Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави романот „Исцелување на светот“ од хрватскиот писател Слободан Шнајдер. Книгата е најнаградуваниот хрватски роман во последните неколку години. Преводот на македонски е на Владимир Јанковски.
„Исцелување на светот“ е приказна за животот на двајца луѓе во време на крајности. Георг и Вера во една точка од своите животи имаат екстремно спротивставени биографии. Тие се среќаваат кога тоа станува можно, откако сè на светот било против таа нивна средба. Но потоа заминуваат секој по својот пат, иако сега пак сè ги упатува на тоа да останат заедно.
Станува збор за епска приказна што сведочи за моќта на идеологијата способна да подели речиси сè. Романот го опфаќа периодот од втората половина на XVIII век, кога група германски колонисти пристигнуваат во Славонија, Хрватска, во рамките на реформите на Марија Терезија, па сè до распадот на Југославија кон крајот на XX век.
„Исцелување на светот“ е добитник на наградите „Меша Селимовиќ“, „Мирко Ковач“, „Радомир Константиновиќ“, „Кочиќево перо“ и „roman@tportal.hr – награда за најдобар хрватски роман“!
Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура на Република Хрватска и Министерството за култура на Република Македонија.
Слободан Шнајдер (1948) дипломирал филозофија и англистика на Филозофскиот факултет во Загреб. Бил еден од основачите и долгогодишен уредник на списанието за театар „Пролог“. Активен е во различни жанрови. Проза објавува од 1966 година. Преведуван е и игран во Хрватска и во странство. Досега има објавено три прозни книги. Од 1994 до 2014 година бил колумнист на „Нови лист“ од Риека.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.