Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави романот „Лорд Морд“, готски трилер проткаен со булгаковски елементи на фантастика и гротеска од чешкиот писател Милош Урбан, авторот на бестселерот „Седумцкрвие“. Преводот на македонски е на Игор Станојоски.

При крајот на XIX век во Прага пламти конфликтот меѓу Чесите и Германците, се модернизира еврејскиот дел од градот, глодан од глувци, туберкулоза и други епидемии. На грофот Арцо, наречен Лорд Морд, му пречи што омилениот дел од метрополата му исчезнува пред очи и решава да спаси барем еден објект на тој начин што ќе го купи и ќе одбие да се исели. Прашката администрација му испраќа свои луѓе, првин со добро, а потоа и со лошо.

Во меѓувреме почнуваат да се случуваат убиства на проститутки. Дел од луѓето сметаат дека ноќе шета еврејското чудовиште, монструмот без лице, наречен Мевце, или Клајнфлајш. Други сметаат дека поврзаноста меѓу злосторствата е нешто што треба дополнително да се истражува.

Иако е човек со принципи, грофот Арцо посетува бордели, пиејќи апсинт и мислејќи дека така ќе најде лек за своето влошено здравје. Кога неговата љубовница е пронајдена мртва, тој е вовлечен во настани што го оддалечуваат од неговата боемска идила.

Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Милош Урбан (1967) е еден од најзначајните и најчитани чешки прозаисти. Дел од детството го поминал во чехословачката амбасада во Лондон. По дипломирањето на катедрата за англистика и нордистика во Прага, стажирал на Оксфорд. Од 1992 година работи како уредник во неколку издавачки куќи. Пишува хорор-приказни и е познат како „темниот витез на чешката книжевност“.

Игор Станојоски е македонски лингвист и романсиер. Роден е во Копенхаген, но поголемиот дел од животот го минува во татковината. Дипломира во Скопје на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на групата Македонски јазик со општа и компаративна книжевност. Работел на универзитетите во Лавов (Украина), Катовице (Полска), Брно (Чешка). Докторирал во Полска во 2009 година. Автор е на повеќе книги од областа на лингвистиката, како и на неколку романи. На македонски има преведено неколку книги од повеќе словенски јазици.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.