Mеѓународниот конкурс за поезија ,,Антево слово”, распишан по трет пат од Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) во соработка со здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ ги прогласи годишниве добитници.

Жирито во кое членуваат претставници од семејството на доајенот на македонската поезија Анте Поповски, како и еминентни претставници од книжевната/ литературната област во Македонија и организаторот на меѓународниот фестивал Анџело Ла Векија: академик Катица Ќулавкова, Геро Ла Векија, Митко Гогов, Александар Поповски и Жорж Поповски одлучија да ги наградат, а со тоа и застапат во новата антологија на Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија следниве автори:

Прва награда за Драгана Евтимова за нејзината песна „Белег“/ A birthmark / Voglia, втора награда за Сузана Мицева со песната „Тефтер“ / Notebook и Давиде Роко Колокраи (Davide Rocco Colacrai) за песната „Ќе бидам моето убаво сонување“ / Sarò la mia bella addormentata, а трета награда за Игор Крајчев и песната „Победа“/ Victory. Специјални наградени ќе бидат доделени на: Марина Икономова Шокева („Стојам и гледам“ / I am standing and staring), Дина Кампања (Dina Campagna) за песната „Свилени навои“ / Silk threads и Зоран Костески за „Ќе те сместам во стиховите“ / I’ll put you in the verses.

Песната „Белег“ на Драгана Евтимова е конкретна стилистичка творба во која во преден план доаѓаат авторефлексивноста и автореференцијата преку средбата со огледалото кое нуди не само одраз на нејзината внатрешна авторска поетска панорама, туку истовремено и психолошко дефинирање на карактерните особини и животната филозофија, кои се проткаени во еден современ, слободен манир на пишување. Стиховите во оваа песна не замислуваат и обременуваат, ни даваат мотивација да бидеме похрабри, да го пречекориме прагот, да се соочиме со самите себе, па дури и да поверуваме во еден свет во кој Другиот и другоста можат да ни помогнат да научиме да бидеме подобри. Симболиката и самата структура на песната продираат во минатото, како значаен елемент за нашиот развој, ослободена од непотребните естетки елементи, минималистична, конкретна и на момент продуховена.

Тоа е позицијата на Драгана Евтимова, која како автор не се плаши да се соочи со фактот дека светлината од свеќата не може да проектира живот во нејзината сенка на ѕидот на искуството и опитот, речиси на ист начин како Диогеновата потрага по вистината, префрлувајќи ја судбината во очите на своето алтер его, онаму каде е потребно да се направи првиот чекор. Да се постои, независно од орнаментноста која “белегот“ ја оставил во кроењето на нашите светогледи.

Од особена важност е големиот одзив кој го имавме ибна третиот објавен конкурс (повеќе од 100 автори испратија свои стихови) и се надеваме дека во иднина сѐ повеќе поети ќе имаат можност да го промовираат своето творештво како и да им се отвори можност да бидат прочитани од интернационална публика.

Честитки до сите учесници на оваа манифестација која допрва ќе направи Каникати, а со тоа и Сицилија да станат новиот светилник на италијанската, македонската и на Европската и светска поезија. Официјалното доделување на наградите ќе се случи наскоро во спомен собата на Анте Поповски во Центарот за култура во населбата Ѓорче Петров во Скопје, соопштуваат организаторите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.