Во вторник, на 2 јули, пред Спомен куќата „Мајка Тереза“ во Скопје, на улица „Македонија“ во 20,30 часот ќе се одржи ревијален приказ на македонските народни носии „Фолклорни допири“ каде што Ансамблот на народни игри и песни „Орце Николов“ од Скопје ќе ја прикаже сета раскош на македонските народни носии. Настанот е во склоп на јубилејното, 40. издание на „Скопско лето“.
Ансамблот „Орце Николов“ во својот фундус има повеќе од 680 народни носии. За да ја приближи вистинската вредност и убавина на народната носија до современата публика, неопходно е да се користат современи форми за нивна презентација. За публиката во земјата и странство реализирани се голем број на ревии, работилници во кои, покрај другото, македонската носија беше прикажана од естетски, етнолошки и географски аспект.
Ако фолклорот е синтеза на културата на еден народ низ вековите, тогаш неговата современа презентација претставува момент на соочување со самите себе и со целиот свет. “Фолклорниот допир“ нашите сограѓани и во оваа пригода, на јубилејното, 40-то издание на “Скопско лето“, уште еднаш ќе имаат можност да го почуствуваат преку ревијалниот приказ на раскошот на македонските народните носии на „Орце Николов“, велат од Ансамблот.
Ансамблот „Орце Николов“ од Скопје 74 години е врвен репрезент на македонското народно творештво. Со играта, песната, изворноста и светлината на македонскиот фолклор, се претстави на повеќе од 6.700 концерти одржани пред милионски аудиториуми во земјата и странство, и секаде предизвикувајќи воодушевување кај присутната публика, за што сведочат повеќе од 400-тини добиени награди и признанија. Убавината на македонските игри, песни, обичаи, инструменти, надополнети со оригиналните народни носии го претставуваат најубавиот дел од приказната за Македонија, Македонците и нивната култура.
Во светската фолклорна ризница, македонскиот фолклор со својата карактеристична мелоритмичност, темперамент, разноликост и шарм има исклучително место.Македонија со право е горда на својот фолкор зашто тој е извор на македонската душа. Во него се вградени милениумите на нашето постоење, проткаени со нитките на љубота, радоста, надежта…
Во Ансамблот „Орце Николов“ минале повеќе од 10.000 членови кои приредиле околу 6.600 концери во земјата и ширум светот. Концертите ги гледале повеќе од 10.000.000 гледачи , а уште десетици милиони гледачи ги следеле настапите на телевизиските канали во земјата, но и во САД, Русија, Канада, Бразил, Куба, ДНР Кореа, Англија, Белгија, Франција, Холандија, Швајцарија, Шпанија, Германија, Италија, Чешка, Словачка, Полска, Португалија, Романија, Кипар, Турција,ТР Северен Кипар, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина.
Следејќи ги светските тенденции и искуства на фолклорот Ансамблот „Орце Николов“ ги применува новите методи во изучувањето, обучувањето и зачувувањето на изворноста и автентичноста на фолклорното творештво применувајќи современ сценски приказ во презентацијата. Бидејќи македонскиот фолклор не е само културно наследство, сè уште „живее“ и е неодвоив дел од битието на секој современ Македонец, тој е негов идентитет, а Ансамблот „Орце Николов“ преку своето делување сака да биде негова легитимација кон светот. Мисијата на ансамблите како што е „Орце Николов“ е да ја зачуваат свежината и изворноста, зашто фолклорот не само што треба да се сака, туку треба и да се разбере. Само така ќе се разбереме и самите себе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.