Фолклорни ансамбли од Америка, Русија, Грција, Албанија, Србија и Хрватска, заедно со македонски културни уметнички друштва и фолклорни групи од повеќе македонски градови ќе настапат на 51. издание на Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови” во Битола.
НУ Центар за култура-Битола, организатор на фестивалот, годинава ќе биде домаќин и на Филип Бусон претседател на светската фолклорна асоцијација ЦИОФФ.
Фестивалот ќе почне на 20 јули, а ќе заврши на 30 јули. Не отстапуваме од традицијата и затоа фестивалските вечери ќе почнат со дефиле на Широк Сокак и со орото „Комитско” во изведба на КУД „Илинден”-Битола. Овој фестивал е од посебен национален интерес и затоа подготвивме богата програма која ќе ја следи и посебниот гостин, претседателот на ЦИОФФ Филип Бусон кому ќе ја презентираме нашата фолклорна традиција што на овој културен настан ја негуваме 51 година. Фолклорот не дефинира како нација, како луѓе и зборува за нашиот идентитет и гордо и годинава ќе го презентираме во градот, државата и светот, истакна Маја Андоновска Илијевски, директорка на битолскиот Центар за култура.
Валентин Соклевски, селектор и режисер на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови” најави дека оваа година фестивалот ќе се одржува под мотото „…старото е ново…” и, како што рече, нуди програма во изобилство.
Фестивалот „Илинденски денови” е сцена на која старото се пренесува и афирмира како ново на генерациите што доаѓаат. Фестивалот не е инцидент туку процес, фестивалот е систем кој функционира. Фестивалот не е само игра и песна, туку и збор и наука, и тоа сакаме да го развиваме што повеќе и во соработка со стручни лица. „Илинденски денови” е единствен фестивал во Македонија со сертификат за интернационален фестивал затоа што ги исполнува сите светски критериуми, истакна Соклевски.
За време на десетте фестивалски денови во Битола ќе се одржуваат изложби, работилници за везење и ткаење, ќе настапат 26 културно уметнички друштва и фолклорни групи од државата и странство за кои се утврдени мерки за заштита од ковид како за учесниците, така и за публиката, информираа организаторите на претстојниот културен настан во овој град.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.