Романската поетеса се обрати до фестивалот „Струшки вечери“ и до македонските читатели со своја порака.
Не сум сигурна како да ја изразам возбудата што ја почувствував кога ја добив прекрасната вест дека ќе ми го доделивте „Златниот венец“ во Струга. За да разберете што чувствував, треба да знаете дека за мене, како романски поет, овој легендарен венец е поважен од која било друга европска награда. И тоа не само затоа што е една од најстарите книжевни награди во светот, туку затоа што пораснав и станав поет под речиси митската аура на поетскиот фестивал крај Струшкиот мост и во Орхидската катедрала и крунисувањето на Никита Станеску беше магичен момент на мојата генерација.
Во светот во кој војните, револуциите и промената на историјата и географијата оставија малку простор за поезијата, наградата „Златен венец” опстои шест децении на преминот меѓу два века и со помош на лирата и ловориките се спротивстави на сите видови оружја и со љубовни зборови се спротивставува на сите видови омраза. Веќе педесет и осум години, големите светски поети што ги избравте, благодарно доаѓаа во оваа земја, по која чекореше Орфеј, осветлени со верата дека убавината ќе го спаси светот и дека нивното присуство може да го втисне во духот на Европа обликот на Струшкиот венец.
Се надевам дека читателите на светот ќе продолжат да се сплотуваат околу поезијата како што нашите раце се сплотуваат за да понудат засолниште на пламенот, за да не се изгасне од ветрот.
Нека Богот на поезијата, кој го држи Златниот венец, продолжи да ја благословува Македонија!, напиша Бландијана во пораката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.