Тука, на Балканот, а и не само тука, не можеме да опстанеме без хумор и иронија. Шегата е тест на интелигенцијата на кој би требало да сме подложни секој ден. Бидејќи без интелигенција – нема толеранција. А без толеранција сме загубени. Колку и банално да звучи ова. Ви благодарам за честа да бидам во друштво со првокласни писатели од Балканот и од Европа – рече писателот Алек Попов, заблагодарувајќи се за наградата „Прозарт“ која фестивалот „Про-За Балкан“ му ја додели за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот.
Наградата на Попов му ја врачи уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев, кого го врзуваат години пријателство со лауреатот како преведувач на неговите романи „Мисија Лондон“ и „Сестри Палавееви“, која деновиве излезе од печат на македонски јазик во издание на „Прозарт медиа“. По повод наградата Попов прочита извадок од „Сестри Палавееви“, а и кус расказ под наслов „Гласот на Старата чаршија“ за мало девојче кое во еден момент станува господарка на светот, и додаде:
Ја прифаќам оваа награда како израз на признанието на нешто што многу често се занемарува во литературните кругови кои имаат високи претензии – барем во мојата земја. Иронијата, парадоксот, хуморот, трансвестијата, карневалот. Дистинктивни карактеристики не само на мојот стил и гледање на светот, туку, генерално, на целата наша балканска култура. Тоа е можеби најсуштинскиот дел од оваа култура. Снобизмот, не само во литературата, е одвратен, а резултатот од него е мизеријата – идејна и творечка. Не случајно решив да ви раскажам приказна од периферијата и да се фокусирам точно на закачката и намигнувањето. Некои од нашите интелектуалци болно се возбудуваат во врска со прашањето на „центарот и на периферијата“. Мислам дека треба да го земат примерот од тоа мало девојче во Чаршијата. За него ова прашање не постои. Со едно магично намигнување тоа станува центар на универзумот. Големата господарка!
Уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев, даде кус осврт за наградата „Прозарт“, која советот на фестивалот ја доделува за артистички опус и, како што вели, нешто што останува како значаен дел во нашата прозна стварност во регионот, кој сè уште го чувствуваме како наш. Тој му ја врачи наградата и на лауреатот за 2018 година, Светислав Басара кој, поради здравствени причини, лани не можеше да дојде во Скопје.
Голема е честа на овој човек да му се даде наградата „Прозарт“ за неговата голема посветеност не само на пишувањето, туку и на занаетот, истакна Прокопиев.
Басара се заблагодари за признанието и за трпението што организаторите на фестивалот го имале. Тој потсети на мудрите зборови „…она што се случило, се случило, она што не се случило, исто така се случило“, кои турскиот писател Тарик Туфан, исто така гостин на фестивалот, ги прочита како дел од извадок на негов роман.
Еве ви жив доказ за тоа. Ова требаше да се случи пред една година. Минатата година бев спречен да дојдам, а фестивалот имаше една година да размисли дали да ме бара или да бара друг добитник и остана свој на своето, што мене ми е особено драго и особено ми е драго што по 30 години сум повторно во Скопје, иако во Македонија сум бил на други места, и што поминав три убави дена со драги луѓе, за што ви благодарам, рече Басара.
Модераторката Ана Јовковска прочита извадок од култниот роман на Басара – „Фама за велосипедистите“.
Секој од авторите-гости на фестивалот се претстави со извадоци од свои дела на јазикот на кој твори.
Писателите Теофил Панчиќ од Србија, Јагода Михајловска-Георгиева, Једрт Лапух-Малежич од Словенија, Тарик Туфан од Турција имаа можност да се дружат во изминатите три дена. Лапух-Малежич го отвори читателскиот дел со расказ од нејзината книга „Воени бои“. Нашата авторка Михајловска-Георгиева прочита сцена од нејзиниот роман „Индиго Бомбај“. Панчиќ, кој е роден во Скопје, во оваа пригода ја прочита кратката приказна што ја напишал пред неколку години токму во родниот град и не случајно ја нарекол „Роден град“.
Минатата година го затворив фестивалот со зборовите на Басара: „Затоа станав крал, за да се издигнам над просечноста, а сепак останав просечен“. Оваа година како да бевме поблиску до сенките на Платон. Како ние да зборувавме наместо нив. Да го парафразирам Милтон Манаки со литературен наместо со филмски говор: како да останавме најверни на зборот, кој не знаеше за никакви претворања. Ако тоа чини, сме завршиле голема работа. Ви благодарам на сите – истакна Дејан Трајкоски, директор на фестивалот.
Со врачувањето на наградите синоќа беше затворено 7. издание на фестивалот. Во чест на Попов, вечерва во Кинотеката во 21 часот ќе биде прикажан филмот снимен според неговото сценарио – „Мисија Лондон“ (2010), а по проекцијата публиката може и да поразговара со него и неговиот промотор Прокопиев.
Фестивалот „Про-За Балкан“ е поддржан од Министерството за култура, ТРАДУКИ, Делегацијата на ЕУ, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, амбасадите на Словенија, Хрватска, Бугарија и на Србија, Бугарскиот културно-информативен центар, Кинотеката, Национална галерија и винарницата „Бовин“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.